Света Литургија во црквата „Свети Ѓорѓи“ – Струга (08.05.2008)

Според вековната традиција, празникот на св. Ѓорѓи, кој што е небесен покровител и заштитник на градот Струга, свечено се празнува два дена, на 6 и 7 мај, кога се служат празнични утрени и вечерни богослужби и света Литургија за време на двата дена.
Света Aрхиерејска Литургија се одржа на вториот ден, на 7. V 2008 година, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, архиерејски намесник на Струга, протоереј Митре Попоски, свештенослужител при црквата „Св. Ѓорѓи“ – Струга, свештеник Петре Бојчиноски, свештенослужител при истата црква, свештеникот Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.
На Светата Литургија присуствуваше многуброен верен народ од Струга и Охрид, кон кои Митрополитот Тимотеј се обрати со поучно слово, во кое зборуваше за животот и подвизите на светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец и Чудотворец.
Потоа, во вечерните часови, се отслужи празнична вечерна богослужба, после која се служеше парастос за спомен на починатите свештенослужители, помагачи и служители во градската црква посветена на „Св. Ѓорѓи“ во Струга, во присуство на голем број на верници од градот. Потоа Митрополитот Тимотеј заедно со свештенослужителите и верниот народ направија свечена литија низ градските улици на Струга.








Известува: ѓакон Димче Азески