Источен петок – Балаклија во Охрид (03.05.2008)

Источен петок – Балаклија свечено беше прославен со Божествена Архиерејска Литургија во црквата „Света Богородица“ – Каменско, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на повеќе свештенослужители од епархијата.
На светата Литургија, поради себезаборавниот подвиг во свештеничката служба на нивата Божја, свештеникот Сашо Богданоски, свештенослужител при истата црква, преку полагањето на раката на Пастироначалникот, г. Тимотеј, беше благодатно унапреден во чин протоереј.
На крајот од светата Литургија, Митрополитот Тимотеј произнесе празнична беседа, преку која ја подели радоста од воскресението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос со многубројниот верен народ, со кој беше исполнета црквата.
Потоа, во дворот на црквата, Митрополитот Тимотеј заедно со свештенослужителите и во присуство на верниот народ изврши водосвет и го прекрши празничниот колач.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!


Известува: ѓакон Димче Азески