Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Акатист кон Пресвета Богородица (11.04.2008)

Акатистот кон Мајката Божја, кој со големо торжество се пее во Великиот Пост, отсекогаш бил величествено одбележуван од светото братсво на Бигорскиот манастир. Задоени со силна љубов кон  Пресветата наша Владичица Богородица, секој петок монасите самопожртвувано се вложуваат себеси за што поторжествено и достојно да ја украсат иконата на Мајката Божја наречена Акатистна, автентична копија од познатата чудотворна икона, која се чува уште од времето на древниот Константинопол, а денес се наоѓа во Дионисијатскиот Светогорски манастир.

Потоа со големо умиление игуменот со своите во Христа браЌа и сестри ги пеат стиховите упатени кон Пречистата, молејќи се усрдно Таа да ја укрепува и заштитува нашата православна држава, да го чува нашиот народ од непријателски напади, болести и зла и да ја запали во народот искрата на верата, побудувајќи во нивните срца силна љубов кон Бога.

Некогаш нашите предци со огромна почит ја славеле Пречистата, пеејќи го со голема љубов нејзиниот Акатист и затоа нашиот Господ Исус Христос го запазил македонскиот народ низ сите искушенија и страданија.

Тажно е тоа што денес ние толку малку знаеме колку е значајна ова служба, ниту тоа  дека со неа е поврзано едно прекрасно чудо што Пресветата го направила за да го сочува Константинопол од нападите на Персијците. Имено, соочен со големата опасност, тогашниот Патријарх Сергеј, заедно со целиот народ ги обиколил бедемите на градот, носејќи ја Акатистната чудотворна икона на Мајката Божја и сета своја надеж полагајќи ја на Нејзината моќна закрила. И навистина, Таа ги услишала молитвите на својот верен народ и со силна бура ги разбила непријателските бродови.

А богољубивите луѓе на градот Константинопол, за да оддадат  благодарност на Богородица, цела ноќ останале на нозе без седење, пеејќи Ѝ химна на Мајката и Словото  (неседална-Акатист), бидејќи Таа самата не престанала да бдее за нив, и со натприродна сила ги победила непријателите.

Оттогаш, во спомен на тоа толку големо и натприродно чудо, Црквата го примила овој празник во чест на Мајката Божја, во ова време од годината, кога се случила таа победа.

По молитвите на Твојата непобедлива Мајка, Христе Боже наш, чувај ни ја нашата православна држава, избави нѐ од неволјите што нѐ притискаат, и помилуј нѐ како единствен Човекољубец.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

  

 

 

 

 

 

 

 

 

  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица