Сeноќно бдение во Бигорскиот манастир (07.04.2008)
„Денес е почеток на нашето спасение” - како што се вели во тропарот од денешниот празник, затоа што кога Архангелот Гаврил Ѝ ја донесе благата вест на Пресветата со тоа ја донесе и духовната пролет кај човештвото кое беше во страшна духовна зима, умртвено од гревот. Чудесна блага вест е овој празник и носи радост во Црквата - Бог нѐ направи Негови членови, делови од Неговото Тело, нѐ удостои да бидеме богоносци, да Го примаме Христа, да живееме со Него и Тој да биде во нас. Во духот на традицијата, воспоставена уште од дамнина во овој свет манастир и обновена од сегашното братство, и годинава мноштво верници го наполнија манастирот доаѓајќи од сите страни за со сеноќно бдение достојно да го прослават овој ден кога човештвото преку Богородица ја прими благата вест за своето спасение. Зборувајќи за ова во својата проповед кон присутните верници, на почетокот на бдението, игуменот на светата Бигорска обител, Архимандрит Партениј го нагласи вистинското значење на овој празник за жената. Тој напомна за традицијата на жените од околните села особено од Галичник, кои на овој ден, задоени со силна вера, доаѓале во манастирот за заедно со монасите, молејќи се цела ноќ, да Ѝ заблагодарат на Богородица за сите достоинства што Господ по Нејзините молитви ѝ ги даде на жената. Затоа што, тие знаеле дека Благовест е вистински празник за жената и дека на овој ден Господ ја удостои да учествува во спасението на човечкиот род, затоа овие жени и во комунизмот ја одржале традицијата и покрај тешките времиња не го заборавале манастирот. Кога Бигорското светилиште било претворено во задруга и сите кандила биле исфрлени од црквата, жените доаѓале, носејќи од дома чаши со масло кои ги палале и поставувале пред светите икони. И никој во тоа не можел да ги спречи. „Сепак, - продолжи игуменот - кај овие жени кои доаѓаа во манастирот во комунизмот, верата беше веќе оладена, и премина во обична формалност бидејќи тие не прифатија на вистински начин да се оцрковат, со исповед и Причест. Тие не успеаја да им ја пренесат оваа традиција на своите деца, зашто ја немаа силната вера на своите прабаби. Затоа денес бројот на тие жени Галичанки е сѐ помал, а годинава само три.“ На крајот од проповедта, Архимандрит Партениј им заблагодари на многубројните духовни чеда и присутните верници кои на вистински начин ја прифатија верата и ја примија благата вест, упатувајќи ги на уште еден духовен подвиг - со молитви и славословија, достојно да ја прослават Мајката Божја. И како и секогаш кога Ѝ се обраќале во молитва и овој пат Пресветата не задоцни да ги обдари со силна благодат присутните. А по прекрасното и многу благодатно бдение кое беше крунисано со Божествена Литургија и Причест за сите присутни, голема радост на верниците им причини глетката на новоосветените крстови изработени во Киево-Печерската Лавра, кои блеснаа со нов сјај од куполата на црквата, сведочејќи ја така вечната Христова победа над смртта.













Известува: јеромонах Доситеј