Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение (24.03.2008)

„Втората недела од Великиот пост, Црквата ја посветила на големиот атонски подвижник и светилник на Православието - св. Григориј Палама. Бог нè удостои да ја посетиме пештерата во која овој свет маж се подвизувал 5 години, молејќи се и барајќи Го Бога. Тој го отворил своето срце за Бога и Бог му се открил во срцето, го научил на вистинското богословие и му го просветлил умот за да може подобро да ја разбере нетварната Божја благодат. Затоа кога Црквата имала потреба, св. Григориј се јавил како ревносен поборник за Вистината, побивајќи ги сите ереси со своето богопросветлено учење...

Имајќи го светиот Григориј за пример, да се потрудиме и ние, на ова сеноќно бдение, во негова чест, со молитва и љубов да го отвориме нашето срце за Бога и Бог ќе ни се открие, ќе го прими овој наш мал духовен труд и ќе ни даде духовна сила, ќе ја укрепи нашата држава во овие важни моменти за нас и за нашата Православна Црква.”

            Со оваа духовна порака од игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, започна бдението во чест на боговдахновениот учител на Црквата, св. Григориј Палама, заради кое во манастирот на св. Георгиј Победоносец во Рајчица, притекнаа мноштво верници од сите краишта на земјата.

            Првите молитви на бдението беа упатени кон Мајката Божја со Акатистот посветен на Нејзината чудотворна икона  „Државна”, молејќи ја Пресветата Владичица наша Богородица да ја закрепне и утврди нашата православна држава и да им даде духовна сила на владата и на нашиот народ во ова свето време на Постот.

            Бдението го збогати присуството на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско- Кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој секоја година традиционално доаѓа на ова бдение и кој заедно со поканетиот наш гостин, Европскиот Митрополит, г. Пимен , отслужи Света Архиерејска Василиева Литургија.  На Литургијата, Митрополит Тимотеј со пригодна беседа ги поздрави присутните верници, истакнувајќи го уште еднаш значењето на постот и духовните подвизи во животот на секој христијанин. Особена радост ни причини тоа што скоро сите присутни верници, заедничарејќи, примија Тело и Крв Христова, станувајќи така учесници во небесната благодат и големата духовна радост што им ги подари ова прекрасно бдение.

 

         

 

        

 

        

 

         

 

          

 

известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица