Свечени богослужби во Бигорскиот манастир (21.02.2008)

„Добриот пастир си ја полага душата своја за овците...
...и овците го слушаат гласот негов и тој ги вика своите овци
и овците одат по него...”
Со голема радост и искрени желби за уште поголем духовен напредок, бројните чеда на нашиот духовен пастир, Архимандрит Партениј, се собраа во Бигорскиот манастир за да го прослават заедно со братството и сестринството именденот на својот старец. Тие пристигнаа од сите краишта на Македонија за да ја изразат својата љубов и почит кон својот духовен татко што толку пожртвувано и несебично им се дава во моментите на искушенија и водејќи ги по тесниот пат на спасението, ги споделува со нив сите радости и болки и молитвено ги закрилува, застапувајќи се за нив пред Бога.
Нивното присуство во манастирот ја зголеми благодатта која особено силно се почувствува на свечената Вечерна богослужба во чест на свети Партениј Лампсакиски, додека се пееја стихирите на светителот, а секако најсилно за време на Архиерејската Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
И како што славниот Партениј Лампсакиски го посветил својот живот на украсувањето на Божјиот дом, така и нашиот игумен, кој што го носи неговото славно име, предаден целосно на светата мисија да ја збогати архитектурата на светиот Бигорски манастир, вгради уште еден бисер во раскошната убавина на ова светилиште. Имено, по завршувањето на Божествената Литургија, многубројните верници, братството и сестринството, предводени од двајцата архиереи, со свечена литија се упатија кон местото каде беа осветени темелите на новата црква, посветена на светиот руски чудотворец Серафим Саровски. Ктитор на црквата е господинот Сашко Станинов со неговото семејство. Оваа црква е почеток на изградбата на скитот во којшто е предвидено да биде изграден и конак со монашки келии.
По молитвите на св. Партениј Лампсакијски и на св. Серафим Саровски, Бог да го запази и духовно изгради ова ново светилиште и да го укрепи нашиот игумен за уште поголеми духовни подвизи.
На многаја лета!











Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица