Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Богојавлениe – Водици во Тетово (01.02.2008)

На 19. 01. (сабота) 2008 лето Господово во соборниот храм „Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, на торжествен начин тетовчани го чествуваа денот на крштевањето на Спасителот Господ Исус Христос, во осветените води на реката Јордан. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение со повеќе свештенослужители од тетовското Архиерејско намесништво, отслужи Света божествена архиерејска Литургија на Свети Василиј Велики. На овој светол ден, соборната црква „Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово ја посетија огромен број на верници, кои не можеше да ги собере не само соборниот храм, туку и големиот црковен двор. На овој празничен ден, во своето обраќање до возљубените и од Бога дарувани духовни чеда, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски ја произнесе следната празнична беседа:

„Во триесеттата година од Богоовоплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос, преку девствената утроба на света Дева Марија, а со силата и дејството на Светиот Дух, „дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована за да се крсти од него“ (Матеј 3, 13) како што е речено во Светото Евангелие. Дојде Исус да биде крстен со вода за да ја освети природата на водата и нејзината животодавност. Со вода се крштева оној кој не крштева со Дух Свети (Јован 3, 33).

На овој спасоносен празничен ден на човечкиот род му се објави и му се претстави троичниот Бог: Бог – Отец, Бог – Син и Бог - Свет Дух. Синот Божји се крштева; Светиот Дух – третото лице од троичниот Бог, изворот на животот и на чистотата, во вид на гулаб слезе на Исуса; и тогаш се слушна гласот на Бога од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата Волја!“ (Матеј 3, 17). Господ ни покажа со својот пример дека секој што ќе се роди треба да биде крстен за да се спаси.

            Светото Евангелие кое што се чита на сите свети богослужби, за нас христијаните претставува пат, вистина и живот. Тоа не учи дека: Ние не можеме да го затоплиме сонцето, тоа нас не грее и топли. Ноќта не може да го осветли денот и да ја растури темнината, ами сончевиот убав ден. Болен не можа да излекува лекар,ами лекарот го лекува болниот. Осуденик човек не може да прости и да пушти на слобода осуденик, ами само судија.

            Христос е нашето оживотворувачко сонце. Да се доближиме до Бога и едни до други како вистински чеда Божји. Да одиме по осветлениот спасоносен Христов пат, за да обезбедиме мирен, среќен и благодатен исполнет со радости живот.

            Ние сме сите чеда Божји; да не се правиме поголеми и поумни од Бога, од нашиот Создател, од нашиот Отец небесен.

            Божјиот богојавленски мир и благослов нека се излее над сите нас, нека се всели во нашите срца и во нашите домови преку попрскувањето со осветената богојавленска водичка, која што ќе ја примиме после извршениот голем богојавленски водосвет.

Од Бога нека ни биде благословено и бериќетно новото лето.

            Господ нека ни дарува целосен мир и благосостојба во нашата татковина.

            Нека е вечна слава и благодарност на троичниот Бог – сега и секогаш и во вечни векови. Амин!“

 

            По отслужената Света божествена архиерејска Литургија на свети Василиј Велики, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил ги пресече принесените славски кумски колачи.

            Следствено според вековната традиција, пред базентот во црковниот двор, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил го изврши чинот голем богојавленски водосвет. Потоа следеше најспектакуларниот и за младите најрадосниот и со нетрпение очекуван чин на фрлање на светиот крст во осветените води на базентот, во чест и спомен на крштевањето на спасителот Господ Исис Христос. Оваа година по светиот крст во црковниот базент во црквата „Свети Свети Кирил и Методиј“ скокнаа храбрите и богољубиви тетовчани: Mладеноски Диме, Младеноски Христијан и Младеноски Живе. Најсреќен од нив беше Младеноски Христијан, кој по Божји благослов, оваа година успеа да го фати светиот крст. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил на пресреќниот Христијан му подари златен крст со ланче.       

            По Божјо провидение за да им биде честа на тетовчани уште поголема, на оваа богојавленска Света Литургија, на заедничката молитва во соборниот храм „ Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, присуствуваше и уважениот г. Михајло Манески, Министерот за правда во владата на Република Македонија.

            Соборната црква „ Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово потекнива од илинденскиот период и е изградена на ново место. Осветена била на Петровден во 1925 година.

            Големиот црковен базент потекнува од 1931 година и е дар на г. Илија Герасимоски од Тетово.

   

      

 

      

 

     

 

Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор