Водици во Охрид и Струга (19.01.2008)
Празникот на теофанијата Божја – Богојавление (Водици) свечено беше одбележан во Охрид со масовно присуство на верници од сите краишта на Македонија. Забележително беше присуството на огромен број на браќа и сестри по вера и од нашите соседни земји: Република Србија, Република Грција и Република Албанија. Празнувањето започна со света, божествена архиерејска Литургија во црквата „Света Богородица“ – Каменско на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарскоп-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештеник Љупчо Симиџиоски, старешина на црквата „Св. Богородица“ – Каменско, свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија, свештеник Никола Христоски, свештенослужител во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија. Исто така, света Литургија се служеше и во сите парохиски цркви. После светата Литургија верниците од сите парохиски цркви во градот, заедно со пастироначалникот, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тимотеј и сите свештенослужители во свечена литија, торжествено пеејќи го Богојавленскиот тропар, се упатија кон градското пристаниште, каде што се изврши големиот Богојавленски водосвет, после што се фрли светиот крст во осветените води на Охридското Езеро. Повеќе од 450 верници скокнаа во осветените води, меѓу кои најсреќен беше Митко Топенчаров, кој го фати светиот крст. Потоа, Митрополитот Тимотеј изврши голем Богојавленски водосвет и во Струга, каде што го фрли светиот крст во осветените води на реката Дрим. Соборно присуствувајќи на овој свет и радосен Богојавленски чин, сите стружани ја делеа радоста со најсреќниот меѓу нив Дарко Паскоски, кој го фати крстот. Утредента, на 20 јануари, денот кога Православната црква го слави соборот на пророкот, претечата и крстителот Господов Јован, Неговото Преосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј служеше света, божествена архиерејска Литургија во црквата „Свети Јован Богослов“ – Канео, во сослужение на повеќе свештенослужители од Епархијата. Кон верниот народ, присутен во голем број, Митрополитот Тимотеј се обрати со празнична беседа, зборувајќи за животот, подвизите и верата на свети Јован, на тој начин зацврстувајќи ги присутните во верата. Празнувајќи го Богојавлението, пиејќи и миејќи се со водата која повеќе не е иста, туку осветена со присуството на Светиот Дух во неа, да го славиме Триедниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух! АМИН! БОГ СЕ ЈАВИ!







