Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Рождество Христово – Божик во Дебарско-кичевската епархија (11.01.2008)

Празнувањето на Рождеството Христово – Божик во Дебарско-кичевската епархија започна со служење на празнична вечерна богослужба во црквата „Свети Петар и Павле“ во Кичево. Со вечерната богослужба чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на свештениците од Кичевското архиерејско намесништво, протојереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протојереј Војне Ристески, свештеник Стевче Тошески, свештеник Ристо Камбуроски, свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија. Црквата беше претесна за да ги собере сите верници кои доаѓаа молитвено да Му благодарат на Бога за раѓањето на Богомладенецот Христос, нашиот Спасител, поради што трпеливо чекаа во дворот на црквата. После светата вечерна богослужба свештениците им делеа бадниково гранче на сите присутни.

 Централната прослава на Божик се случи во црквата „Свети Никола Геракомија“ во Охрид со служење на света, божествена архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот „Св. Наум“, свештеник Димче Ѓорѓиески, парох варошки, свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија, свештеник Никола Христоски, свештенослужител во Плаошкиот манастир и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија. На празнувањето на овој празник на спасението на човечкиот род и на сето создание Божјо, верниот народ, претходно подготвувајќи се со пост, молитва и исповед, пристапи и се причести со Животворните Тајни на Богомладенецот и Нашиот Спасител, Господ Исус Христос. На крајот, на присутните верници им беше прочитано Божикното послание.

На празникот Собор на Пресвета Богородица – втор ден Божик, архиерејска Божествена  Литургија се служеше во Плаошкиот манастир „Свети Климент и Пантелејмон“. Словесното стадо, следејќи го својот пастир, беше присутно во голем број за соборно да му благодари и да ја прослави онаа, која го смести во себе Несместливиот  и преку која се роди и прими човечко тело Словото Божјо, Спасителот Исус Христос.

Празникот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан најсвешено се отпразнува во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга, каде што се служеше света, божествена архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот „Св. Наум“, свештениците од Струшкото архиерејско намесништво, протојереј-ставрофор Илија Танаскоски, протојереј Митре Попоски, свештеник Петре Бојчиноски,  свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.

 

Известува: свештеник Игор Никовски