Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид (11.01.2008)

Празникот на преподобниот Наум, охридскиот чудотворец во Дебарско-кичевската епархија најсвечено беше одбележан во неговиот манастир на брегот на Охридското Езеро. Свеченоста започна на 04. I 2008 со отслужување на празнична вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.

Празнувањето продолжи  утрото на 05. I 2008 година, со служење на празнична утрена богослужба и света архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, свештеник Атанас Казанџиски, свештеник Игор Никовски, свештеник Никола Христоски и ѓакон Димче Азески. И покрај лошите временски прилики и непреодниот пат поради обилните снежни врнежи, сепак многуброен верен народ, имајќи голема почит кон светиот охридски чудотворец Наум, доаѓаше на поклонение на неговиот гроб и беше присутен на светите богослужби, насладувајќи се со духовната храна што обилно се точи од овој непресушен извор. Митрополитот Тимотеј, како добар пастир кој се грижи за своето словесно стадо, ги поткрепи присутните со поучно слово повикувајќи да го следиме примерот на свети Наум и да се подготвуваме да го примиме витлеемскиот Богомладенец во нашите срца и во нашите домови. Потоа, голем број верници, подготвувајќи се со пост и молитва, се причестија со Светите Тајни, Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

После светата Литургија, во дворот на манастирот, се прекрши празничниот леб и се изврши водосвет.

Потоа беше поставена трпеза на љубовта за сите присутни во манастирската трпезарија.

 

Известува: свештеник Игор Никовски