Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Бадник – Коледе традиционално прославен и во Тетово (09.01.2008)

Со традиционален духовен концерт, на кој настапи реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово под диригентската палка на маестро г. Ивица Зорич, како и со осветување на бадниковото дрво и палење на бадниковиот оган од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил,  во соборната црква „Свети Свет Кирил и Методиј“ во Тетово и ова од Бога дарувано 2008 Лето Господово, беше прославен големиот православен христијански празникот Бадник – Коледе.

На самиот почеток на овој торжествен и несекојдневен чин, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – Кумановски г. Кирил, исполнет со неизмерна радост и длабоки импресии заради претстојниот празник на Рождеството Христово – Божик, во своето обраќање до верниците кои беше ја преполниле соборната црква како и црковниот двор рече :

„Мили дечиња и младинци, со најискрени, братољубиви чувства на голема почит кон сите Вас верните чеда на нашата света Христова православна црква и на нашата родна мајка Светоклиментова Македонска православна црква, Ви го честитам денешниот празник Бадник – Коледе. Ви го честитам празникот кој што ни ја носи најголемата радост, радоста заради раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос од Пресвета Дева Марија, радоста заради Боговоплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос, заради слегувањето на Бога од небото на земјата, за да го спаси човечкиот род. Ви го честитам празникот над празниците Божик, најголемиот и најрадосниот семеен христијански празник за целиот човечки  род на планетата земја. Ви го честитам и новото 2008 Лето Господово, со најискрени молитвени благопожелби, да Ве следи Божјиот благослов со одлично здравје. Преку внесувањето на осветениот бадник во вашите домови, дај Боже во вашите домови да го однесете Божјиот благослов, и тој да Ве следи за целосно животно преуспевање во текот на од Бога даруваното 2008 лето Господово. Со најголема духовна радост да го дочекаме празникот на раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос, та заедно со целата небесна хиерархија да запееме:„Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.

Ние чедата на Македонија, на родната и мила библиска Македонија, каде и да сме, каде и да сме се определиле да живееме на просторот во татковината и во дијаспората, во шир по сите меридијани од земјината топка, каде што не има многу, не со децении, туку со столетија, сме го претставивале ткивото, сеопштиот македонски организам. И нашите претчественици, кои биле обесправени државотворно и црковнодуховно, се труделе да го сочуваат тоа семакедонско тело, тој семакедонски организам. Сполај му на Бога доживеавме да се осознаеме, повторно да се потврди опстојот на македонскиот род на овие македонски и балкански простори.

Рековме, телото сме ние сите, но се поставува прашањето: Кој е душата? Која е мајковината, ако Македонија ни е татковина на сите ? Мајковината, душата е нашата света Црква, верата, традициите, обичаите. Затоа, нив треба да ги носиме длабоко во нашите души и срца и заедно со сите македонски рожби, да се радуваме на убавините на светото православие. Да се трудиме, што повеќе да ја манифестираме Христовата евангелска љубов кон сите, со кои што се сретнуваме во текот на нашето секојдневие. Спасителот Господ Исус Христос ни порачува да се милуваме, да се љубиме, да не се караме. Тој ни порачува : „Мир ви давам, мир ви оставам, да се љубите, да се сакате едни со други“ зашто по тоа ќе Ве познаат дека сте чеда на Христовата црква ако имате милост, ако имате љубов. А светиот апостол Павле, кој што по Божјо провидение во половината на I век после раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос, чекорел и го посеал првото евангелско семе на просторот од библиска Македонија вели: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски,штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што свечи“. Затоа велиме дека Македонија е библиска земја. Ние сме библиски народ и Црква, Црква со апостолско преемство. Нашите корени потекнуваат од апостолско време.

Да се трудиме да се манифестира вистинска, нелицемерна љубов кон брачните другари, кон вашите рожби кои што Господ Ви ги дарувал како најголемо богатство. И што повеќе рожби да имаме. Честопати нагласувам, нашите претчественици, нашите родители не биле толку многу учени и едуцирани, но по Божјо провидение ќе се родела некоја убава мисла која што се пренесувала од поколение на поколение. Таа убава христијанска македонска мисла, кога станува збор во однос на дечињата вели: „Две се малку, три не се многу, четири се доста“. Само на таков начин ќе успееме да не се дозволи да пресуши плодородното семакедонско стебло, на овие од Бога дарувани македомски простори.

Возљубени во Господа, ние православните христијани  треба да сме исполнети со љубов кон татковината, и љубов кон сите луѓе со кои што се сретнувате во нашето секојдневие, без оглед на националната и верска припадност. Ние сите, за Бога претставуваме само повеќе разновидни цветови, како еден прекрасњен букет. И насекаде во светот е така.

Божјиот благослов преку молитвите на нашата заедничка духовна мајка, Пресвета Богородица, нека Ве следи во сите денови од вашиот живот“. 

Во рамките на овие прославувања на Бадник, во соборната црква „Свети Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил на маестро г.Ивица Зорич и на г. Томислав Стојаноски – Бомбај, во знак на благодарност за нивните досегашни искрени и несебични заложби за доброто на црквата, им подари по едем примерок од прекрасната Монографија „Митрополитот Кирил“ чиј автор е македонскиот писател и публицист г.Славе Николоски – Катин.

Потоа во рамките на програмата за прославување на Бадник во Тетово и тетовско, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил ги посети Лешочкиот манастит „Свети Атанасиј “ и селото Жилче, каде што ги блабослови и ги освети бадниковите гранчиња и го запали бадниковиот оган.   

 

       

 

       

           

                                                               Подготвил:

                            свештеник Жарко Мицковски,  професор