Vesti i nastani
 
 
 
 
 

МПЦ против промена на името на Република Македонија (16.12.2007)

Македонската Православна Црква жестоко ќе реагира на прифаќањето на евентуална промена на уставното име на Република Македонија, најави вчера во Охрид митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, господин Тимотеј, по завршувањето на промоцијата на монографијата посветена на 25-годишнината од неговото раководење со епархијата. Доколку македонските власти под нечиј притисок прифатат какви било промени во името покрај МПЦ г. Тимотеј очекува реакција на сите граѓани од Македонија

„Македонскиот народ има свое име, имаме држава Република Македонија и не гледам причина поради влегување во разни асоцијации да останеме безимени. Доколку се случи промена на името, жестоко ќе реагира МПЦ, но и македонскиот народ зошто тоа е обезличување што никој нема право да го направи“, рече митрополитот Тимотеј. Тој додаде дека вековната традиција на македонската самобитност, историја и култура што е легитимна пред светот е доволен аргумент тоа да го сфатат и да не го злоупотребуваат нашите соседи.

„Мислам дека најжестоко ќе реагираме и тоа нема да го прифати не само МПЦ, туку и македонскиот народ, затоа што тоа е обезличување. Никој нема право тоа да го направи“, рече г.Тимотеј, портпарол на МПЦ.

Информациите и фотографиите од средбите на нашите високи свештени лица со Владици од соседните и други православни земји, кои сѐ уште не ја признаваат МПЦ, се дел од публикацијата на јубилејниот зборник „25 години митрополит Тимотеј“, што денеска беше промовирана во катедралната црква Света Софија во Охрид.

Покрај биографскиот дел, книгата има содржини од црковниот живот, историското и културно наследство на Дебарско-кичевската епархија, со која како веројатно духовно најбогата во МПЦ, две и пол децении раководи владиката Тимотеј.

„Не треба да се заборави дека не така одамна беше времето кога со нашите најпознати древни цркви и манастири раководеа државни институции и дека беше среќа ако епархијата го имаше храмот или манастирот во текот на работното време“, вели г.г.Стефан, поглавар на МПЦ.

„Можам да кажам дека оваа книга ќе остави длабоки траги во нашата наука за нашата стара уметност, археологија, културно и духовно живеење воопшто“, изјави академик Цветан Грозданов.

Во книгата што е дело на 15 автори има и некои досега необјавени, доста значајни откритија за нашата наука, историја и култура.

извор: А1 Телевизија, „Утрински весник“