На празникот на свети Архангел Михаил во манастирот на свети Наум Охридски (23.11.2007)

Празникот посветен на свети Архангел Михаил и на сите бестелесни небесни ангелски сили, во Дебарско-кичевската епархија, најсвечено се одбележа во манастирот на свети Наум Охридски, каде што беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија. Манастирот што го изградил свети Наум Охридски го посветил на светите бестелесни небесни ангелски чинови, токму затоа и свеченостите се одбележаа во овој манастир. Со Архиерејската Божествена Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот Свети Наум Охридски, протојереј-ставрофор Тоди Јован од Поградец, Р. Албанија, свештеникот Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.
Забележително беше присуството на голем број на верници, особено од пограничните села и градот Поградец, Р. Албанија, кои на Светата Литургија се причестија со Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
После Светата Литургија, свештенослужителите го осветија и прекршија празничниот колач.

Известува: о. Игор Никовски