Архиерејска Божествена Литургија во Кавадарци (12.11.2007)

На празникот на големиот светител Димитриј, Архиерејска Божествена Литургија отслужи Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение со Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во соборната црква посветена на овој светител во Кавадарци. На Божествената Литиргија присуствуваа голем број на верници од Кавадарци и од неговата околија, кои традиционално секоја година молитвено му се поклонуваат на Светиот великомаченик Димитрија и го молат за застапништво на нивните души пред престолот на Господ Бог. На литургијата верниците се причестија со Телото и Крвта Христови, а потоа Митрополитите Агатангел и Тимотеј осветија вода и ги прекршија славските колачи.



Во своето обраќање до верниот народ, надлежниот Митрополит Агатангел рече:
Светителите се наши застапници пред престолот Божји, наша врска со Бога. Речиси никогаш не сме достојни да го повикуваме името на Господа. Но затоа, тука се нашите светители, нашите молитвеници кои имаат смелост пред Бога да се молат за нас.
Ви благодарам што се собравте денес во толкав број да го прославиме заедно овој светител, му благодарам и на неговото високопреосвештенство Тимотеј на браќата свештеници и на сите што денес соборно почувствувавме дека Христос е добар, благ, човекољубив, дека нè милува сите нас. Молитвите кои од срце му ги упативме на свети Димитриј нека ги услиши Бог и да нè исполни со духовна радост, мир, љубов, добрина, милосрдие.
На оние кои го слават овој празник или го носат неговото име нека им е честито и од Бога благословено. Господ да ве благослови. Амин.“
Беседа на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светата Христова Црква чествува спомен на многу свети мажи, кои му угодиле на Бога. Тие уште додека биле живи биле блиску до Него, а откако се одделиле од земјата, уште поблиску се до Бога. Додека биле на земјава биле носители на Божествената светлина, напуштајќи го овој свет со многуте подвизи, вера и богопредаденост, постанале жители на царството на светлината. При животот биле синови на светлината, затоа и Отецот на светлината ги примил во Своите небеса, да бидат светли ѕвезди за нас. За време на животот се молеле на Бога за луѓето, а и досега се наши молитвеници и застапници пред Него. Во нивните животи има нешто што е општо и суштествено, а тоа е желбата да бидат богоугодници. Таков е и денеска свети Димитриј Солунски на кого светата Црква споменот му го чествува.
Но, да се задржиме на поуката за нас од богоугодниот живот на светиите, зашто и ние треба да постанеме богоугодници. Кои се богоугодници? Да се угоди на Бога е должност на секој христијанин, зашто кој не се стреми да ја исполни Божјата волја, отпаѓа од неа за да си угоди на сопствената или, пак на некоја туѓа волја. За да угодуваме на сопствената волја, најчесто значи да се движиме по расположенијата на нашите човечки и земни задоволства. Многу нешта сакаме и се стремиме кон нив, дури и кога не ни се корисни. Угодувајќи си на себе, ние не постигнуваме никакво корисно добро, а обично отпаѓаме од законите на доброто и од патиштата кои би не извеле на вистинските вредности за нашиот живот.
Ние треба да правиме добри дела и на луѓето и на себе си, кога се раководиме од едно правило, дали во исто време Му угодуваме и на Бога? Нека си угодуваме на себеси, нека угодиме на сите, што ги сакаме, да им угодиме и на тие што не се од најблискиот круг што ги сакаме, и на оние што не нè сакаат. Но секогаш тоа да биде истовремено и угодување на Бога. Сето тоа да го правиме ако угодно, пред сè на Бога.
Светителите ги сакале луѓето, им помагале, затоа што тоа било и на Бога. И ние треба да правиме сè на луѓето, доколку е мило на Бога, доколку одговара на Божјата волја за доброто, за љубовта помеѓу луѓето. Ние знаеме од Светото Писмо, дека без вера не е можно да се угоди на Бога. Верата нè учи што е добро а што е лошо, таа нè упатува во доброто. Верата ни покажува која е вистинската Божја волја, таа нè поставува на целите кои произлегуваат од неа, на патот кон остварување на доброто и оддалечување од злото. Верата ни ја открива Божјата волја во нејзината чистота, длабочина и возвишеност. Преку верата ние ја примаме Божјата волја како закон на нашиот живот, но закон кој треба длабоко да се доживее.
Без вера не е можно да се угоди на Бога, но само со вера која е проникната од љубов кон Бога и луѓето. Само таква вера може да нè изведе на патот на богоугоден живот. Ние знаеме што ќе ни каже верата, проникната од љубов кон Бога и луѓето. Таа ќе ни рече да го следиме во сè законот Божји, кој ни го открил Исус Христос, Исполнителот на Божјата волја.
Да правиме добри дела од љубов кон Бога и луѓето - тоа значи дека сме богоугодници. Некој ќе рече во што се состои Божјата волја и заповед за љубов кон луѓето? Повторно да се вратиме кон мислата, искажана на самиот почеток на моето обраќање: да им помогнеме на луѓето во сè, пазејќи го нивниот живот, нивното духовно, материјално и општествено добро, а при денешни услови на животот, да им помогнеме да живеат во мир, бидејќи без мир земниот живот е многу тежок, дури и неподнослив. Ако, пак, се разгори огнот на братоубиство, ако се разгори пожар на борба во светот, тогаш сите богатства се уништуваат и тешко на луѓето! Затоа сите треба да се молиме и да работиме за мир насекаде во светот. Тоа, се разбира, само од себе дека најнапред треба да имаме мир во нас и во нашите взаемни односи. Јас и ти треба да живееме во мир, браќата треба да живеат во мир, децата и родителите треба да живеат во мир, насекаде треба да има мир. И така мирот како едно длабоко доживување на нашите срца, да се излива и надвор во односите помеѓу луѓето. Ние, децата на Црквата, треба да сме носители на несекнатиот, благословен и создаден мир за сите луѓе.