Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Крстовден (27.09.2007)

Христовиот крст ја изразува силата на љубовта и сепростувањето. Од него светат зраци на спасение. Крвта Господова пролеана на него влеала во него победоносна и спасоносна моќ, затоа крстниот знак е духовен штит даден на христијаните како небесен дар на Христа Спасителот, со кој тие можат да ги победат сите несреќи и напасти демонски.

Празнувајќи го денот посветен на чесниот и животворен Крст Господов, мноштво верници се собраа на сеноќно бдение во манастирот Св. Георгиј Победоносец во Рајчица, заедно со сестринството и братството од Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител, да му се поклонат на Чесното Дрво, вградено во иконата на Воздвижение, што се чува во манастирот и со заеднички молитви упатени кон Бога да измолат покајание и спасение за нашиот народ.

Денес нашиот народ е далеку од Бога. Денешниот човек останува прикован за Крстот со своите гревови и упорно ги одбива животворните зраци на спасението. Нема солзи на покајание и според тоа нема ни исцелување, нема спасение ниту воскресение. Затоа  игуменот, архимандрит Партениј, во својата проповед за време на вечерната трпеза, ја искажа својата радост и благодарност што толку верници притекнуваат кон манастирите, барајќи ја во нив онаа искра на надеж, од која што може да се разгори пламенот на верата кај народот.

 

 

                                

 

 

 

                                                      

 

 

Сеноќното бдение беше крунисано со свечена Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј. Зборувајќи за значењето на Крстот, на крајот од Литургијата, во својата беседа до присутните, тој меѓу другото спомна: „... Не е доволно само надворешно да искажуваме почитување на Светиот Крст, носејќи го на градите и истакнувајќи го надворешно, туку истиот треба пред сѐ да го носиме постојано во нашите срца и души... Радосно и успешно да го носиме нашиот животворен Крст, нашето доброволно и спасоносно бреме, та заедно со Христа, со Негова помош, да го распнеме нашиот од грев оптоварен човек, за да воскресне во нас новиот препороден човек, создаден според образ и подобие Божјо, да воскреснеме за вечна радост во царството на Воскреснатиот Исус Христос. Амин!”  

 

 

       

 

 

 

       

 

 

 

       

 

известува: монахиња Варвара