Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на Рождество на Пресвета Богородица (21.09.2007)

Празнувањето на раѓањето на Пресвета Дева Богородица, во Дебарско-кичевската епархија се одбележа со свечена архиерејска богослужба во манастирот „Света Богородица“ - Пречиста Кичевска.

На 20 септември во вечерните часови во манастирот Света Пречиста Вечерна богослужба богослужеше Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, прота Стевче Јакимовски, свештениците Ристо Кумбаровски и Игор Никовски, како и ѓаконот Димче Азески. Бидејќи традиционално на овој ден се прославува и манастирската слава затоа манастирската црква беше преполнета со верници, кои доаѓаа од Кичевијата и од цела Македонија. Реката народ во манастирската црква не престануваше и после полноќните часови. на Вечерната богослужба Владиката г. Тимотеј изврши и благословување на петтолебие, а потоа со слово се обрати кон верниот народ.

Утредента Владиката г. Тимотеј и свештенослужителите богослужеа света Литургија во преполнетата манастирска црква. Пред да пристапат повеќемина верници за да се причестат, Владиката со празнична беседа се обрати кон верниот народ, причестувајќи ги прво со словото Божјо, во толкувањето на Евангелските вистини, а потоа и ги причести со Телото и Крвта на нашиот Спасител Исус Христос.

Потоа Владиката, свештенослужителите и верниот народ излегоа во манастирскиот двор, каде што Владиката  изврши водосвет и ги благослови и прекрши празничните лебови.

Владиката го повика верниот народ, како што оваа година, на овој празник, заедно во голем број, се радуваа на евангелските вистини, така подготвени и после еден месец, на 21 октомври оваа година, сите заедно во истиот манастир да го прослават и Јубилејот  - 40 години од возобновувањето на Дебарско-кичевската епархија во Македонската православна црква. При таа прилика Владиката објасни дека ќе се богослужи света архиерејска Литургија, со повеќе Владици на Македонската православна црква, а потоа ќе се освети и новиот манастирски конак, и ќе се промовира монографија за манастирот Света Пречиста.

Повикот, пак, и официјално ќе биде потврден и од Канцеларијата на Дебарско-кичевската епархија до сите верници и почитувачи на делото на Македонската православна црква во земната историја на спасението на човечкиот род.

Нека се вековити и спасителни овие празнувања и јубилеи.

 

 

                                      

 

 

 

           

 

 

 

          

 

 

 

          

 

 

 

         

 

 

 

 

Известува: о. Игор Никовски