Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на нова црква во Мислешево, струшко (11.09.2007)

Петнаесеттата недела по Педесетница во Дебарско-кичевската епархија беше одбележана со осветување на новоизградената црква во село Мислешево – струшко, посветена на Воведение на Пресвета Богородица. Чинот на осветувањето го изврши Владиката на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј (игумен на Светинаумовиот манастир во Охрид), протоерејот-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески, свештеник Петре Бојчиноски, свештеник Ристе Наумоски – сите од Струшкото архиерејско намесништво, и свештеникот Игор Никовски – Охридско архиерејско намесништво.

 

 

             

 

 

 

             

 

 

 

                                   

 

 

Осветувањето на црквата започна во 08.30 со присуство на голем број на верници од Мислешево, Струга како и од блиската околина, а потоа се пристапи и кон служење на Света Литургија. Кон верниот народ со пригодно слово се обрати Владиката г. Тимотеј, во кое беседеше на темата на неделното евангелие, а во кое рече: „Драги браќа и сестри, денешното свето Евангелие ни открива една вистина, а тоа е дека најважна и прва заповед Божја, која е дадена на луѓето, е љубовта кон Бога и љубовта кон својот ближен… Бидејќи Бог ја покажал Својата неограничена и непрекината љубов кон нас, и ние сме должни со нашиот живот да живееме според Законот Божји, почитувајќи ја светата волја Божја, покажувајќи љубов кон Бога, и да возвраќаме со љубов на љубовта… Ако сакаме луѓето да ни прават само добро и тоа што е корисно за нас – тогаш и ние да им возвраќаме само со добро… Ние сме должни да го олесниме страдањето на својот ближен, да го нахраниме гладниот, да го облечеме голиот, и да го напиеме жедниот; од погрешен пат да го вратиме на вистинскиот пат и со тоа ќе ја спасиме нашата душа, и душата на нашиот ближен. Ако така постапуваме ќе докажеме дека навистина сме деца Божји и ученици на нашиот голем Учител Исус Христос, по што и ќе нè познае во денот на општото воскресение…“

Црквата на Успението на Пресвета Богородица е изградена на земјиштето при селските гробишта во Мислешево. Изградена е од камен и тоа благодарение најмногу на месното население, предводено од црковниот одбор, како и со финансиската помош на Македонците - иселеници во дијаспората, кои потекнуваат од ова село.

 

Известува: о. Игор Никовски