Сеноќно бдение во Бигорскиот манастир (29.08.2007)

“О, прекрасно чудо, Изворот на Животот во гроб се полага и скала кон Небесата постанува...” - со овие псалмопеења светите Oтци од своите срца Ја воспеаја Пресвета Богородица, Која се роди на земјата за да постане Извор на Животот и затоа Нејзиниот гроб и Нејзината смрт не се страшни, не се жалосни, туку радосни. Нејзината смрт е живот и Нејзиниот гроб, како што вечерва ќе пееме, е чудесна скала кон Небото. А, како може навистина, гроб да биде скала, кога знаеме дека гробот на секој човек е три лакти? Земја и ништо друго. Но, не! Гробот на праведните луѓе е радост, затоа што тој е составен од три скалила кои допираат до Небесата, а тоа се верата, надежта и љубовта и многуте добри дела што човекот ги прави во текот на животот. Да замислиме, каква скала е гробот на Богородица, Која целиот Свој живот го поминала правејќи прекрасни добри дела. Еден руски светител вели: „Побргу ќе се избројат ѕвездите на небесата, отколку добрите дела на Богородица што ги направила во животот, и побргу ќе се избројат водите во морињата, отколку добрите дела на Пресвета Богородица...”
Ова се дел од срдечните зборови со кои архимандрит Партениј, игуменот на бигорската обител, ги поздрави многубројните верници кои се собраа во манастирот за со сеноќна молитва да го прослават сечесното Успение на славната наша Владичица, Богородица. Во манастирот сѐ беше подготвено за достоен пречек на овој празник, кој за христијаните е второ Воскресение, втора Пасха, како што напомна и отец Партениј, бидејќи подобно на нашиот Спасител Господ Исус Христос, по тридневното Успение на Неговата Пресвета Мајка, Таа беше вознесена на Небесата. Затоа со голема љубов и внимание браќата и сестрите се погрижија сѐ во манастирот да биде украсено достојно на славата на Мајката Божја. Игуменот со огромна почит го изработи со цвеќиња Нејзинот гроб - Епитаф, кој како најубав украс блескаше на средината во црквата, додека се пееја посебните статии за погребението на Богомајката.
Благодатта ја зголеми прекрасното византиско пеење на хорот при црквата св. Георгиј Победоносец од Скопје, кој гостуваше на бдението, како и напевите на сестрите од манастирот на св. Георгиј.
Во раните утрнски часови, по свечената Литија со плаштаницата, символот на телото на Богородица, започна Божествената Литургија, која како врв на бдението на сите им го донесе благословот на Богомајката, исполнувајќи ги со голема радост.




известува: јеромонах Доситеј