Осветување на нова црква во село Вишни - струшко (30.07.2007)

По овластување на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на струшкиот архијерејски намесник, протојереј-ставрофор Илија Танаскоски, свештеникот Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и протоѓаконот Димче Миланов, секретар на Брегалничката епархија, на 28. 07 2007 година, изврши осветување на нова црква посветена на света Петка во село Вишни - струшко.
Црквата е изградена по иницијатива и заложбите на Славко Ѓорѓовски со својата фамилија од село Вишни.
На чинот на осветувањето присуствуваше многуброен верен народ од селото Вишни, од соседните села како и од Струга и Охрид.
После светата Литургија, Митрополитот Иларион одржа пригодна беседа во која го изложи значењето на црквата како дом Божји, во кој човекот преку молитвата и светата Причест се соединува со Бога. Исто така, кажа дека црквите се и сведоци за православието и за автентичниот православен живот на верниците од овој крај и цела Македонија.
На крајот, Митрополитот Иларион заедно со свештенослужителите, во дворот на црквата, го благослови и прекрши славскиот колач.


известува: ѓакон Димче Азески