Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Средба на премиерот Груевски со папата Бенедикт XVI (16.12.2006)

Висока македонска делегација предводена од премиерот на Владата на Р. Македонија Никола Груевски денеска во Ватикан имаше официјална аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт XVI.
„На Ватикан можеме да сметаме како на поддржувач и пријател на Република Македонија, и една од тие работи е самиот факт што по 16 години се одржа средба“, изјави премиерот Груевски по средбата со папата. Тој додаде дека било разговарано и за состојбата во земјата која е кандидат за влез во Европската унија. Груевски го информирал папата за намерата на Владата за воведување веронаука во училиштата.
„Упативме покана за доаѓање во Македонија, за присуство на висока делегација на конференцијата што треба да се одржи идната година во октомври. Тоа е конференција за мировен и цивилизациски дијалог.“, изјави премиерот.
За време на еднодневната посета, Груевски најави дека од идната година можно е Радио Ватикан да почне со емитување програма на македонски јазик.
Голем дел од средбата бил посветен на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија. За време на разговорот со папата, Груевски го информирал за спорот што МПЦ го има со Српската Црква.
„Ја изложив апсурдноста на ситуацијата што ни се случува со Српската Православна Црква. Тие воглавно се неутрални, но секогаш имаат одредено свое влијание“, изјави Груевски.
Премиерот ја посети и Базиликата Свети Климент каде положи цвеќе на гробот на Св. Кирил. Во првата официјална посета на Ватикан беа и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и вицепремиерите Зоран Ставревски и Имер Селмани.

Извор: МИА