Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Бари (03.12.2006)

На 25 ноември 2006 година, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, чиноначалствуваше на Божествената Литургија на гробот на свети Никола во Бари, Италија, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, свештеници и ѓакони, а во присуство на бројни православни верници од Македонија и Италија. На Литургијата пееше хорот „Свети Климент Охридски” при Архиепископскиот соборен храм од Скопје.  

После богослужбениот дел црковната делегција се сретна со верски претставници, како и со преставници на локалната власт од Бари и Пуља. Имено, во текот на неколку месеци Македонската Православна Црква во соработка со Centro Iniziativa Balcani од Бари и со Одделот за култура при општината Пуља, Италија, активно работеше на реализирање на поклонение на православните Македонци на гробот на свети Никола. Моштите на свети Никола се наоѓаат во Бари, во Базиликата посветена на светителот, а неговото почитување е развиено и општоприфатено и кај западните и кај православните христијани.

 

 

             

 

 

 

               

 

 

 

 

                  

                                               подарок од Македонската Православна Црква

на базиликата на Св. Никола во Бари

 

                  

        пред грoбот на свети Кирил Солунски во базиликата
                            на Свети Климент во Рим

 

 

                             

 

 За посетата на македонската црковна делегација на Бари известија и неколку италијански дневни весници.

 


 

Слово на Архиепископот г.г. Стефан, изговорено на гробот на свети Никола во Бари - Италија, на 25 ноември 2006 г.

 

 

СВЕТИИТЕ СЕ НА СИТЕ И ЗА СИТЕ

 

            Светителе, оче Николае, добро Ти дојдовме и добро Те најдовме!

            - Дојдовме од библиска Македонија, од земјата благословена од свети Павле, од светите Кирил и Методиј, од светите Климент и Наум и од многу други светии; дојдовме од името на Црквата света македонска и од побожниот и благочестив народ македонски, - дојдовме да Ти се поклониме и да Ти се помолиме!

            Дојдовме од земја и од народ, каде и меѓу кој, достојно се слават и воскреснатиот Господ и Неговите светии. А, меѓу најпочитуваните светии си Ти, светителе Николае!

            Во Македонија скоро секоја петта црква е во Твоја слава и една третина меѓу народот Те има за свој заштитник. И, како ретко каде - во Македонија и град го носи Твоето име (Свети Николе)!

            Дојдовме да Ти се поклониме како што тоа, повеќе од шеснаесет столетија, го правеле и го прават генерации и генерации христијани, и од Исток и од Запад, и додека почиваше во Мира Ликијска, и откако си овде - во Бари. Од Македонија неколкупати Ти дошле, а еве и нас, по Твоите молитви, нè донесе Господ.

            Возљубени, светиите не знаат за граници, за нации, ни за било какви поделби и припаѓања. Тие се на сите и за сите! Светиите се најсилната врска меѓу земјата и небото и меѓу народите. Тие се наши претставници пред Бога и посредници меѓу народите. Тие спријателуваат непознати, тие помируваат налутени.

            Свети Николај со својата светост зближил многу далечини и многу разлики. Тој, еве, и нам ни најде пријатели и нас нè зближи со почитуваните домаќини, овде во Пулја - во Бари, со луѓето од градот и со оние што се грижат за Неговите свети, нетлени и чудотворни мошти.

            Можеби некој и ќе се запраша - како тоа го постигнал и како го постигнува свети Николај ?! - Па, со својата светост, со својот подвиг, со својата вера, со своите дела, со својата љубов, со својата кротост, со своето смирение, со своето милосрдие, со своето чудотворство... И за време на земниот живот, и потоа, и денес, а таков, веруваме, дека ќе биде до крајот на светот.

            Набрзо по Неговото упокојување (06 декември 343), бил почитуван и повикуван на помош. Неговиот култ бил раширен на многу страни веќе во ВИ век. Му биле посветени пофалби, слова и подигнати многу храмови. Во средновековието бил почитуван веднаш по Пресвета Богородица. Црквата на Исток дури Му го посветила секој четврток во седмицата. Ете, кај каков светител сме нагости на поклонение и во чие светилиште сме заедно со сопатниците и со сите вас.

            Затоа, заедно да се помолиме и да повикаме: Оче Николае, моли Го Бога за сите, па и за нашиот народ, земја и Црква!

Амин!