Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Крстовден (28.09.2006)

„Крстот се воздигнува денес и целиот свет го осветува; Оној Кој е заедно со Отецот и Светиот Дух, ги простре рацете на него...“

 

              

 

Со радост пее Светата Православна Црква и торжествено го одбележува празникот Воздвижение на Чесниот Крст токму поради неколкуте настани кои се случиле во историјата на Христовата Црква, односно поради чудесното јавување на Чесниот Крст пред императорот Константин Велики, наоѓањето на Крстот на Голгота од св. Елена и враќањето на Крстот од пленството на Персијците.

 

Токму еден дел од оваа светиња се чува и во Бигорскиот метох, женскиот манастир на св. Георгиј Победоносец, с. Рајчица - Дебар, а причина уште повеќе поради која овој манастир го празнува овој празник како втора слава е токму затоа што моментот на осветувањето на темелите на манастирот се совпаѓа со овој празник (како и осветувањето на манастирската црква во 1836).

 

                                  

 

Не беше мал бројот на верници и посетители кои уште во предвечерието на празникот пристигаа во манастирот со желба да се поклонат на честичката од Чесниот Крст и да присуствуваат на свечената вечерна богослужба со која свештеноначалствуваше архимандритот Партениј, во сослужение на прота Борислав Лазов, дебарскиот парох о.Благоја Спироски и свештеномонасите од Бигорската обител, отците Доситеј, Макариј и Јосиф, а во присуство на Митрополитот Тимотеј.

 

Со прекрасни литијни стихири се опеваше Чесниот Крст, додека верниците се поклонуваа пред иконата на која е изобразен моментот токму од Воздигнувањето на Крстот, а во неговото подножје е вградена честичката од вистинскиот Крст.Прекрасно украсената икона изгледаше како самата да беше расцветала со многубројното цвеќе и зеленило и како да сакаше да покаже дека единствено тоа Чесно Дрво е Живототворно и Свето за сиот верен народ, за Црквата и за сета вселена.

 

По службата верниците беа почестени со трпеза на љубовта.

 

Утредента (на самиот празник) беше отслужена света Архиерејска Литиргија на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, а на која присуствуваа голем број верници од Дебар, Охрид, Струга, Прилеп и други градови од Републикава, за кои по завршувањето на службата сестринството со голема љубов и грижа беше поставило трпеза.

 

 

                                     

 

 

Исто така, овде, како и во Бигорскиот манастир, имаше посета од Митрополитот Генадиј, архимандритот Борис, игумен на Бачковскиот манастир, игуменот на Крсната гора и други монаси од братската Бугарска Православна Црква, а придружувани од амбасадорот на Р. Бугарија во Р. Македонија г-динот Михо Михов.

 

 

                          

 

                                                                                                                                           известува: јеромонах Доситеј