Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Кичево (24.09.2006)

Централната прослава на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица во Дебарско-кичевската епархија беше одбележана со свечена Архиерејска Литургија во манастирот на Пресвета Богородица - Пречиста, Кичевска.

На претходниот ден во вечерните часови Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештенослужители од Дебарско-кичевската и Повардарската епархија, отслужи Вечерна богослужба со благословување на петолебие. Некаде подоцна во 23.00 часот свештенослужителите, заедно со својот Владика, како што тоа е одамна востановена практика во овој манастир, отслужија Молебен пред иконата на Пресвета Богородица.

 

 

          

 

 

Следниот ден беше отслужена и света Литургија со која чиноначалствуваше Владиката г. Тимотеј, на која со празнично слово се обрати кон насобраниот верен народ, кој во голем број беа дојдени во манастирот. По завршувањето на светата Литургија, во дворот на манастирот, Владиката изврши Водосвет и ги благослови и прекрши празничните лебови. За сите поклоници и верници беше приредена манастирска трпеза.

 

          

 

 

И во оваа година на празнувањето на Раѓањето на Пресвета Богородица, иако беа делнични денови, беше евидентно големото присуство на верници кои доаѓаа не само од Кичево и кичевско, туку и од подалечните градови: Скопје, Битола, Крушево и Охрид, бидејќи традиционално во овој манастир е голема почитта на верниците кон Пресветата Богородица, кои масовно и во подоцнежните часови од денот пристигнуваа во манастирот.

 

 

                                                  

 

                                                                                                                            известува: свештеник Игор Никовски