Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на нова архиерејска резиденција во Велес (18.09.2006)

 

Во Повардарската епархија, чијшто администратор е Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на 17 септември 2006 година се изврши чинот осветување на новата архиерејска резиденција, која се наоѓа во населбата Отовица во Велес.

 

На осветувањето на резиденцијата и претходеше Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на надлежниот Владика г. Тимотеј и Епископот Баргалски г. Иларион. Светата Литургија беше отслужена во храмот на Пресвета Богородица во Велес, во која  зедоа учество свештенослужители од Повардарската, Дебарско-кичевската, Брегалничката и Скопската епархија при Македонската Православна Црква.

 

 

 

 

 

 

 

               

 

                             

Кон верниот народ со содржајно слово се обрати Архиепископот г.г. Стефан во кое рече: „...Овој свет, во којшто живееме, е една голема трпеза, е една свадба што постојано трае. Сето ова Бог ни го дал – и животот и сѐ друго во него ни се дадени како средства за да се подготвиме; ни се дадени можности преку кои можеме со сигурност да стигнеме и навреме и да бидеме подготвени како што доликува – облечени во облека достојна во очите Господови.

А во каква облека, во какви свадбени алишта нѐ очекува Господ? – Нѐ очекува да нѐ види во облека скроена и сошиена во нашите души! Очекува да ја види нашата внатрешна облека, која се добива, која ја облекуваме преку верата што ја имаме и делата што ги правиме! Секое добро дело според науката Христова е добро одело, е костум за на свадба; но и секој грев е извалкано алиште поради кое ќе бидеме исфрлени од свадбената трпеза.... Возљубени, секој од нас е поканет на свадбената софра... Нашиот богољубив народ знае да оцени кој од нас е за на трпеза, а кој да биде исфрлен од каде што не му е местото... Верувам дека ви се познати одлуките на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква околу назначувањето на редовен надлежен архиереј на Повардарската епархија. Изборот е направен и за дваесетина дена ќе биде востоличен идниот Митрополит. Но, во меѓувреме, во периодот од овие неколку години (од јули 2002, а сѐ до  крајов на месецов) со оваа епархија администрира Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Сето ова време тој го искористи за дотерување, за украсување, за облекување во почисто и поново руво на оваа епархија, покажувајќи грижа за богослужбите и богослужителите, како и со водење сметка да се запазат старите и да се доградат започнатите и да се изградат нови храмови и друго што е потребно, со збогатување на духовното и зголемување на материјалното, со кадровските засилувања, со смирување на рабрануваната состојба во епархијата и со уште многу други архипастирски активности. Тој помогна оваа Епархија достоинствено да го живее својот литургиски и црковен живот. Како круна на сето ангажирање е изградбата на новата Митрополитска резиденција... за која веруваме дека ќе биде дело и место кое ќе помага во дејноста на оваа Епархија за да можеме и во иднина да подготвуваме достоен народ, народ кој ќе може да седне на Трпезата Господова на вечната свадба во Неговото царство.

 

 

     

 

 

Нека ни е честит овој ден и, дај Боже, со добри дела и со трајни градби да го облекуваме нашето овоземно живеење.“

 

 

 

Потоа кон Архипастирите се придружи и Владиката Брегалнички г. Агатангел, кои заедно се упатија во митрополитската резиденција. Во присуство на повеќе свештенослужители и верници, Архиепископот г.г. Стефан заедно со другите присутни Владици, изврши осветување на новата митрополитска резиденција.

По завршувањето на осветувањето, присутните и гостите се упатија на свечен ручек.

 

 

 

 

 

 

 

известува: свештеник Игор Никовски