Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Парстос за покој на душата на свештеникот Петре (20.08.2006)

На 17 август 2006 година во селото Вевчани - Струшко архиерејско намесништво, во црквата на Свети Никола свештенослужителите од Дебарско-кичевска епархија, со благослов ан Владиката г. Тимотеј, отслужија парастос по повод 100 години од убиството на свештеникот Петре од истоименитото село.

Меѓу свештенослужителите беше и денешниот парохиски свештеник на Вевчани, отец Зоран Попоски кој е внук на свештеникот Петре, а останатите свештенослужители беа: протоереј-ставрофор Ефтим Бетинси, протоереј Стојан Пајковски, протоереј Темелко Доневски и свештеник Игор Никовски.

 

 

 

     

 

 

На парастосот присуствуваа и градоначалникот на Вевчани, како и поголем број на верници од селото. По завршувањето на парастосот, свое обраќање кон присутниот народ имаше и д-р Стојан Ристески, кој историски ја презентираше личноста на поп Петре.

 

 

Еден век по убиството на поп Петре

ПОП ПЕТРЕ - ЖРТВА НА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА

 

Светлите ликови вечно светат. Ако нивното чевствување се подзабава, никако не се заборава. Еве, Вевчани ја одбележува стогодишнината од погибијата на еден негов родољуб - поп Петре со скромно одбележје на неговиот вечен дом.

Едно додруго, до олтарот на храмот „Свети Никола”, се спомениците на двајцата вевчански свештеници загинати за македонското дело: поп Панделе од Радини (ереј), загинат во Илинденското востание во 1903 год. и поп Петре од Попој (ереј) - жртва на српската пропаганда во пост илинденскиот период - 1906 год.

Поп Петре ја продолжил и ја разгранил фамилијарната лоза на поп Мате, кој, покрај синот Петре, ги имал и ќерките: Ќира, Ката, Доља, Марија и Петкана.

Со сопругата Менка од Герданој поп Петре ги имал и синовите: поп Спасе, поп Доне (Антоние), Митре, Борис, Сотир и ќерката Вита. Од поп Спасе се: поп Мате, Наум, Рајна, Воскреса и Надежда; од поп Доне се: поп Ѓорѓи, поп Душан, Благоја, Бранко и Пољка; од Митрета се: Петре, Боже, Наталија и Мара; од Борис се: Панделе, Илија и Милица; Вита е омажена во Ѓинојчини, ги има: Наум, Ќира и Ленче.

Поп Петре работел во храмот „Свети Никола”, опслужувајќи ја Горна Маала, а истовремено бил и душата на ВМРО во Вевчани. Нему му е поверена благајничката должност. Ги минал сите голготи што му минале преку глава на Вевчани пред, во и по Илинден 1903.

Малу му било робувањето на македонскиот народ под Османлиите, та му се нафрлиле и трите соседни држави со своите пропаганди. Посебен интензитет покажале во втората половина на XIX век. Главен пропагатор на големосрпската пропаганда во Горен Дримкол бил продадената душа поп Ставре од Подгорци. Со негово заземање биле отворени српски училишта во некои блиски села. Тој успеал да поткупи и некои вевчанци за отворање на српско училиште и во Вевчани, но поради активноста на поп Петре не успеал, па српската пропаганда решила да го ликвидира. За реализирање на таа гнасна замисла бил ангажиран водачот на качачката банда од Долни Дебар Џемаил Марк, кој, како какошто пишува Василие Трбиќ, „се согласил за сто златни турски лири да дијде во Вевчани, да влезе во куќата на поп Петре, која била целата од тврд материјал, од сите страни заградена со ѕид, во самиот двор имало и две кучиња. Секој бил убеден дека во куќата на поп Петрета не може да се влезе”. Српскиот четнички војвода Трбиќ, каква улога имал и син му Воислав во Втората светска војна, дава уште еден значаен додаток: „Џемаил Марк го добил целиот распоред на куќата и точно знаел во која соба спие поп Петре”. Не можеле убијците од Долни Дебар тоа да го знаат без кодоши од пошироката фамилија. Самиот чин на извршување на злоделото, според кажувањето на синот на поп Доне, поп Ѓорѓија, бил извршен на следниот начин.

Со логистичка поддршка на поп Ставре од Подгорци, убијците дошле во соседната куќа на поп Петре и оттаму почнале да ги копаат ѕидовите широки едно метро, а за да не се слуша тропањето на камењата при паѓањето послале ложник. Во меѓувреме, според пишувањето на Трбиќ, на кучињата им фрлиле една кошула претходно натопена во лој за да не лаат. Низ отворот убијците се качиле во горната одаја каде што спиел поп Петре. Го нашле попот легнат на постела, а попаѓата Менка со синовите Доне и Сотир седела покрај кланикот. Поп Петре ги прашал убијците:

-                       Што сакате? Злато, саатов? - веројатно часовникот бил сребрен или златен.

Наместо одговор, поп Петре бил убиен. Се вознемириле домашните. Снаата од синот Спасе истрчала од другата одаја со бебето Рајна. Син му Сотир, од околу пет години, му се фрлил во прегратки на татко му и се нашол во локва од крв. Овие потресни моменти му се одразиле здравствено на Сотира, а малата Рајна долго време по убиството плачела.

По убиството на поп Петре, како заложник го зеле син му Доне. Прво го однесле во Подгорци, а по два - три дена убијците го одвеле во Долни Дебар. Таму го држеле сé додека не го добиле бараниот откуп. Поп Доне често на својот син му велел: во убиството на татко му учествувале и луѓе од пошироката фамилија, но сето тоа да им биде простено, но не и заборавено, за да не продолжи братоубиството во фамилијата.

Убиството на поп Петре, како што пишува Милан Матов, било во „зората на големиот христијански празник Преображение на Исуса Христа”. Таа (1906) година селото Вевчани било во траур, не го празнувало празникот.

Вевчанскиот комитет на ВМРО му се одмаздил на практичниот убиец на поп Петрета, проклетиот поп Ставре од Подгорци. Имено, било решено поп Ставре да се убие на празникот Голема Богородица, кој на Подгорци му е селска слава. Во групата за извршување на пресудата биле: Ставре Гогов, Кочо Муратчев, Скендер и Панде Велков. Тие го дочекале поп Ставрета дента пред празникот да крштава вода во куќата во која што биле скриении го убиле, со порака: „Да му носиш поздрав на попа Петрета. Вевчани го прави Преображение без поп, Подгорци нека ја прави Богородица без поп”. Продадената душа на ѓаволот, поп Ставре, толку бил изненаден што не успеал да го истави револверот од под расото.

Поп Петре бил револуционер, борец, но и човек со ширина, дружељубив и подносител на шеги.

Делото за татковината има трајна вредност, тоа е гордост за својот народ, за родното место и за директните потомци. За тоа најдобар доказ е одбележувањето на стогодишнината од убиството на поп Петре, поттикнато од неговиот пра правнук отец Зоран Попоски.

Вевчани, 17. 08. 2006 година.

 

известува: отец Игор Никовски