Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Архиепископот г.г. Стефан и пристапна беседа на Епископот Баргласки Иларион (14.07.2006)

Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

 

Возљубени во Господа-учесници во денешнава радост на нашата Света Црква

 

Еве денес, на празникот Собор на Светите Апостоли, по милоста Божја, преку полагањето на рацете со браќата архиереи, добивме уште еден нов епископ во Македонската Православна Црква, добивме уште еден нов апостол во Црквата Христова.

Нема повозвишена, но и поодговорна служба од епископската во Светата Црква. Светите Апостоли, чиј спомен денес празнуваме, се најдобрата потврда за тоа. Тие, откако оставија се што имаа во овој свет, тргнаа по Господа, па соединувајќи се преку верата со Него, станаа и еден дух со него (1 Кор. 6,17). Тие тргнаа и одеа по Господа со најсовршено смирение и послушание, исполнети со вера и љубов кон Него. И веруваа, и љубеа со мерката што ја научија од својот Учител: “имајте вера во Бога” (Мк. 11,23), и “ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди” (Јн 14,15), им порачал Господ на Своите апостоли.

Да се биде епископ значи да се сака добра служба (1 Тим. 3,1),  да се сака служење на Бога и служење на доверениот народ. Но, кој сака да биде поголем, да биде прв меѓу вас нека ви биде слуга (Мт. 20,26).

Вие сте светлината на светот (Мт. 5,14), им рекол Господ Христос на Своите ученици. Затоа, епископите како преемници на апостолите, и тие треба да се светила кои ќе им го осветлуваат патот на другите, треба да се патокази кон вистинските, вечните и спасоносните вредности.

Возљубени, Македонија е земја на крстови и земја со Крстот, благословена од светиот апостол Павле, од светите Кирил и Методиј, од светите Климент и Наум... Овде кај нас, апостолска рака ги ракоположила првите епископи и еве трае и се продолжува тој непрекинат синџир на апостолското преемство.

Господ, Вечниот Архиереј, благослови овде во Соборниот храм на Брегалничката епархија, во древната наша епископска столица, по дарот и наитието на Светиот Дух да се роди нов архиереј, во лицето на досегашниот игумен на Лесновскиот манастир, Неговото Високопреподобие архимандритот Иларион, од сношната богослужба наречен епископ Баргалски.

Денешниов чин е уште еден благослов и дар од Господа за МПЦ и радост за Црквата Христова. Со чинот на ракополагањето добивме благодат која се всели во новиот епископ, благодат која што ќе му биде поткрепа и извор на сила во животот и службата.

Возљубен во Господа брате Иларионе, секогаш па и сега на Црквата и требаат епископи - вистински апостоли. Нам, во МПЦ, ни требаат епископи кои со љубов ќе и служат на својата мајка Македонската Православна Црква, ни требаат епископи кои ќе бидат вистински пастири, пастири кои ќе го чуваат а не продаваат или напуштаат македонското доверено стадо. Овој град и овој народ знае кој ги крштева, кој ги благословува водите на Брегалница и на Вардар и сите наши македонски води, а кој ги мати и сквернави.

 

                                                                

Биди епископ и пастир подготвен да истрпи сѐ заради вистината и правдата Христова и наша македонска. Ни требаат епископи што ќе ја издржат до крај неправдата кон нас, епископи кои ќе умеат на злото да вратат со добро и на каменот со леб. Биди “благовесник, кој ќе навестува мир, кој ќе благовестува радост, кој ќе проповеда спасение”(Ис. 52,7). Таков епископ и апостол ни треба!

По молитвите на првопрестолните апостоли Петар и Павле, по молитвите на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, Климент и Наум, на светите Гаврил Лесновски и Гаврил Светогорец, на свети Иларион епископот Мегленски, на сите апостоли и епископи и на сите светии - биди таков епископ!

Прими го овој жезал за да го пасеш поверената ти паства Христова; На оние кои ќе те слушаат биди им жезол и поткрепа, а непослушните и неразумните упатувај ги кон поправање, кон кротост и послушание, та во должна оддаденост да живеат. Амин.

На многаја лета Преосветен Владико!

 

 

 

Беседа на Епископот Баргалски Иларион

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Ваше Влаженство, Високопреосветени Митрополити, Преосветени епископи, Високопреподобни архимаидрити, пречесни оци, почитувани гости, браќа и сестри!

Му благодарам на Троичниот Бог, на Предвечниот Отец, Единородниот Негов Син и на Светиот Дух Утешител.

Почнувам со овие зборови на благодарност кон Вечниот Бог, зашто сметам дека тоа е најважно, за сѐ да Му благодариме на Бога, за сè што ни дава, и со Бога да започнуваме сè што правиме во животот.

Неизмерно Му благодарам на Бога што му припаѓам на овој православен македонски народ во кој сум роден, во кој сум крстен, и еве денес, хиротонисан за епископ.

Не можам, а да не исповедам денес пред сите вас дека чувствувам голем страв Божји пред оваа голема задача, којашто денес ми е поставена. Дотолку повеќе, што сум свесен за своите слабости и недостатоци и за своето сиромашно духовно искуство. Но се охрабрувам со зборовите на светиот апостол Павле кој вели: “...зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, но со благодатта Божја сум тоа што сум” (1. Кор. 15, 9-10).

 

 

И светите апостоли беа во страв до денот кога Светиот Дух ги озари и ги охрабри на патот на вистината, љубовта, честа, но и жртвата. И јас се надевам во Благодатта на Светиот Дух, којашто денес ме воздигна на оваа висина, дека ќе ми испрати “сила одозгора” и дека нема да ме остави потиштен, зашто кој се надева на Господа, нема да се посрами.

Длабоко Ви благодарам на сите вам браќа архиереи, што имавте доверба во мене, и вдахновени од Светиот Дух ме избравте едногласно за епископ на нашата света Црква. Несомнено верувам дека е ова волја Божја, денес на мене да се излее благодатта на Светиот Дух. Затоа и јас, недостојниот, имав смелост да ја наведнам главата пред волјата Божја и пред одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква за да ја примам оваа божествена благодат. Од сите вас барам да ми простите за сите мои падови и слабости и нека Господ Бог ме опоменува преку вас, угледувајќи се на вашиот труд и примерен живот во Христа.

 

 

          

 

 

Иако знам какви тешкотии и неволји ме очекуваат на мојата нова должност, не ме обзема малодушност поради тоа, зашто знам дека ништо големо и возвишено не станува без искушенија и неволји. Затоа и сега, повеќе од секогаш, ми се потребни Вашите свети молитви и татковски совети, без кои не би можел да го носам претешкиот крст на епископското служење.

Нема ништо во овој привремен и земен живот што би било над пастирското служење, зашто тоа е посветено на најголемото и највозвишено дело, а тоа е спасение на човечките души. Вистинскиот пастир, вистинскиот епископ на Црквата Божја, треба сиот, со сето свое битие да се посвети на самопожртвувана и со љубов проникната грижа за спасение на душите кои му се доверени, и тоа за секоја душа поединечно, да се стреми духовно да ги препороди и навистина и неотстапно да ги води по патот на достигање на духовно совршенство.

 

 

                                          

 

 

Да се биде епископ секогаш било колку возвишено, толку и тешко. А тоа е особено тешко за мене денес, кога нашата света Црква минува низ тешки времиња, страдајќи од внатрешни и надворешни непријатели, што пак од мене како епископ и пастир бара особена будност, пред сè над самиот себеси, за да не ги загубам своите овци наместо да ги спасувам.

Ви благодарам на вас Ваше Блаженство, за вашата љубов и грижа кон мене коишто ги имавте уште како ректор во средното богословско училиште, за вашите совети, кротост и татковска љубов како надлежен архиереј во Брегалничката епархија, секогаш советувајќи и поучувајќи ме во љубовта, кротоста и ревноста во духовниот живот со примерот на нашиот свет старец, епископот Гаврил Светогорец.

 

 

 

                                         

 

 

    

 

 

Ви благодарам и на вас Ваше Високопреосвештенство г. Агатангел, наш надлежен архисреј, за вашата љубов и жртва што денес ја правите за мене, за вашиот иредлог да бидам избран од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква и денес хиротонисан за епископ. Се восхитувам на Вашата мудрост што ме научивте како да го сакам својот народ и да ја бранам својата автокефална Македонска Православна Црква. Ви бев радост, но и многу пати ве нажалостував со мојата несмиреност, но се надевам дека по Вашите молитви Господ Бог ќе ме исправи и ќе ви бидам   радост   во   Христа   и   во   останатите   денови   од   мојот   живот.

 

 

 

 

 

             

 

     

Ви благодарам и за постојаното сослужување во Брегалничката епархија и го почитувам Вашиот труд и Вашата ревност што ме подготвивте за епископ.

Ви благодарам и на вас Ваше Високопреосвештенство г. Тимотеј, за вашата љубов и грижа што ја имавте кон мене уште во мојата рана младост како ваш стипендист, што ме замонашивте и духовно ме родивте во најголемата светиња на македонскиот народ, во манастирот “Св. Наум Охридски”, што ме ракоположивте во ероѓаконски и свештеномонашки чин, што ме запишавте на Богословскиот факултет, за вашите постојани совети и желбата да станам денес епископ.

Ви благодарам на вас оче Нектарие, што ме примивте во вашата света обител и ме приведовте во мојот монашки потстриг, за вашата љубов, трпение и грижа што ја имавте кон мене несмирениот, за вашите совети и светоотечки живот коишто ме упатуваа по монашкиот пат кон вечноста.

Ви благодарам и вам оче Партение, за вашата љубов и светогорско искуство пренесено преку вас до мене. Исто така им благодарам и на браќата Бигорци, со кои поминав еден дел од мојот живот. Им благодарам за нивната љубов и почит кон мене.

Ви благодарам и на вас, мои драги професори од средното богословско училиште и Богословскиот факултет “Св. Климент Охридски”, кои со љубов и пример ми го пренесовте светоотечкото учење, за да можам денес православно, богооткриено и светоотечки да го исповедам Троичниот Бог.

Ви благодарам и на вас, мои родители, први мои вероучители, кои не толку со зборови и висока теологија, туку со жив пример и дела духовно ме иоучивте и ме упативте со сето свое битие и со сета евоја душа да го љубам и да му служам на Живиот Бог.

Топла благодарност во овој свечен миг чувствувам и кон вас, мои возљубени браќа од светата Лесновска обител, со кои проживеав овие десетина години покрај светите мошти на нашите двајца големи светилници, светиот преподобен Гаврил Лесновски и светиот епископ велички Гаврил Светогорец, а што многу придонесе за моето духовно изградување и созревање. Ви благодарам за трпението со кое ги поднесувавте моите недостатоци и слабости како за млад сеуште неискусен духовник, ви благодарам за послушноста и љубовта со која ме укрепувавте да истраам на голготската и трнлива патека во монашкиот живот.

 

Ви благодарам и на вас, сите мои духовни неда, што ми бевте голема утеха и радост со вашето искрено покајание и светотаински литургиски живот во Христа, и со вашата ревност за одбрана на нашата Света Македонска Православна Црква. Сите вас, мои духовни чеда, ве молам да ми простите ако некогаш некого сум повредил и ако на вистански начин не сум го разбрал или прифатил, или пак ако прекумерно сум го искарал или укорил.

Бидејќи сите овие зборови на благодарност за се она што го направивте за мене не се доволни, Му се молам иа Бога и на Мајката Божја да ми дадат сила и мудрост, со достојно исполнување на епископската должност да ви возвратам на сите за љубовта која ми ја покажавте. Надевајќи се во поддршката од сите вас браќа архиереи, свештенослужители, браќа и сестри, ве молам да ме имате во вашите молитви, укрепувајќи ме и утврдувајќи ме во Вистината Христова, за да не бидам наемник, туку добар пастир кој си ја полага душата своја за стадото.

Нека е Слава на Светата, Единосушна, Животворна и Неразделна Троица, сега и секогаш и во вечни векови! Амин.