Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Во манастирот на Свети Наум во Охрид (06.01.2006)

Празникот на свети Наум Охридски свечено беше прославен и оваа година во Светинаумовиот манастир на брегот на Охридското езеро, со Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше надлежниот архиереј Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко - струшки г. Тимотеј, во сослужение на свештенослужители како од епархијата Дебарско-кичевска така и од Повардарската епархија.

И оваа година како и минатите години верниците во голем број беа дојдени во манастирот за да го прослават големиот Охридски Чудотворец - Свети Наум. Овој пат Вечерната како и Утрената богослужба беа преведени и отслужени на македонски јазик, така што на разбирлив мајчин јазик во манастирската црква прозвучија величането, хвалитните и стиховни стихири испеани во чест на свети Наум.

На Светата Литургија Владиката Тимотеј им се обрати на верните со духовна поука. Тој говореше за свети Наум, за неговата од Бога дарувана чудотворна моќ да ги исцелува луѓето; говореше за неопходноста од свесноста и чувствувањето на покајанието во душата на секој православен верник, а особено во овие претпразнични Божикни празнувања, кога секој христијанин го практикува Божикниот пост. Владиката овој пат пред верниците го претстави новоизлезениот, седумнаесетти по ред, алманах на Дебарско-кичевсклата епархија: Светиклиментово слово - 2006. За одбележување е дека во овој број беше објавена службата на свети Наум која се служи во овој ден.

 Поголем број од верниците пристапија кон светиот Путир причестувајќи се со Телото и Крвта на нашиот Спасител Исус Христос.  Исто така по завршувањето на Светата Литургија Владиката ги благослови празничните лебови, а надвор од црквата, во манастирскиот двор, изврши Водосвет.

За сите верници и гости манастирското настојателство подготви свечена посна трпеза.

 

известува: отец Игор Никовски