Vesti i nastani
 
 
 
 
 

СИТЕ МОРА ДА ПОБЕДИМЕ (21.11.2005)

Во последните три месеци добивме четири или пет електронски пораки адресирани до Владиката Наум и кога се обидовме да ги испратиме нашите одговори забележавме дека адресите што беа посочени како насока од којашто сме примиле порака и во која се претпоставува треба да го пратиме нашиот одговор - беа измислени, непостоечки. Затоа ќе се обидеме сега вака јавно да им одговориме, навистина загрижени за духовната состојба на луѓето што ни ги изложија своите дилеми.

1.       Прво, Владиката ви ги простува сите навреди упатени кон него и ве советува - подобро - да го спомнете во вашите молитви отколку да го судите и осудувате. Има Којшто суди... Потоа, нема потреба да се криете, никој не ви мисли и не ви прави ништо лошо, особено не тој. Но, тој начин на комуникација не ви е добар и не е личносен, затоа што вака вие ќе си кажете што имате, а мислењето на другата страна нема да го слушнете. Се поставува прашањето дали сте до толку уверени во вистинитоста на тоа како вие гледате на работите или ви е забранета комуникација со другата страна? Затоа што првото е многу голема прелест - кога човек мисли дека никако, ни само малку не е во прелест, а второто изгледа како страв од соочување со Вистината. Каде што е, пак, Духот Божји, таму нема страв.

2.       Ние многу би сакале некаков разговор на Владиката, за кој велите наводно бил снимен во Велес, да се обелодени. Значи, многу би сакале таков разговор да беше снимен, а ако е снимен бараме да се обелодени и Владиката дава благослов за тоа. Но, има неколку проблематични моменти во наводното снимање. Прво, ако таква снимка постои, тоа е многу дискредитирачко за ликот на оној што снимал без знаење на своите соговорници. Замислете, одите кај некого со доверба, а тој го снима вашиот разговор без вие да знаете...!? Нема ли почитта кон ликот на таквиот човек за миг да се распрсне во вашите очи од моментот кога ќе дознаете вакво нешто? Таквиот, и да има нешто снимано, и да ве лаже дека снимил, пред сè во многу незгодна состојба се поставува самиот себеси и многу го изложува својот кредибилитет. Значи, душо, ако имаш искрени намери, веднаш побарај ја таквата снимка да ја чуеш и да видиш дали постои и ако навистина постои и ако точно ти ја прераскажале нејзината содржина, тогаш остани со нив. Но, ако не постои таква снимка или ако постои, а содржината во неа не е во согласност со она што ти го говореле, тогаш веднаш напушти го таквото  сомнително друштво.

3.       Убаво сте забележале дека нашите манастири се многу добро „наместени“, како што велите. Навистина е така, нашите манастири после 10 години вложен труд станаа многу убави и тоа сите го забележуваат и Му воздаваат слава на Бога. И ние многу Му благодариме на Бога за ова. Но, вие овој факт не го толкувате добро. Би било знак дека Владиката краде кога манастирите би останале полусрушени, како што ги најдовме, и несоодветни за живеење, а истовремено кога тој негде настрана би имал куќи, вили или станови во лична сопственост во кои раскошно би живеел. Убавината на манастирите, сопственост на МПЦ, говори токму за фактот дека Владиката сè што добива вложува во нив, па и својата плата и сè што има. За ова говори и куќата на неговите родители во Скопје, која како што е направена во 1963 г. така и до ден денес си стои нечепната и нереновирана. Додека за вашиот егзарх имаме толку дебело досие, што сироти Срби не ни можеле да го прочитаат кога негде на почетокот на случувањата им го пративме во Белград, па сега се чудат..., а од друга страна нема направено ништо по што би го памтеле, освен хаосот зад себе... Што се однесува до автомобили, Владиката наш вози Passat стар веќе 3 години со кој има поминато 210 000 км. Владиката Амфилохије и Владиката Иринеј Бачки да не јаваат можеби магариња? Стварно луѓе, што ви е проблемот со тие коли?!

4.  Еве уште еднаш што за Вранишковски напиша Владиката, а поради што вие се чувствувате погодени: „Пребегувањето во СПЦ се совпаѓа со времето кога повеќемесечната (од ноември 2001 до мај 2002) внатрешна контрола овластена од Светиот Синод на МПЦ ја заокружувше истрагата околу неговото незаконско финансиско и материјално работење. Едноставно речено, фатен на дело во кражба се исплаши за својата висока црковна позиција (која нему заради тоа му изгледаше загрозена во МПЦ) и пребегна во СПЦ за таму да ја сочува. Истовремено, за да биде прифатен, мораше да ѝ ги понуди на таа Црква и своите услуги против МПЦ“. Што требаше да напише Владиката согласно вообичаениот речник од вашиот сајт – дека човекот не е нормален па го направи тоа? Тоа ќе беше подобро? Затоа што трета алтернатива нема – црковното прашање не се реши туку се искомплицира, а Вранишковски, ако беше нормален, однапред требаше да знае дека нема никакви услови за така однадвор и насилнички да се реши. Значи еве, ја чувте и втората опција, дека можеби човекот е болен, па кажете вие која од сега па натаму е побезболно да ја користиме? Или можеби и двете, комбинирано? За првото, дека украде па пребега, говорат фактите, а второто, дека е ненормален, незгодно е да се каже иако тоа што го направи така изгледа и повеќето луѓе токму така мислат. И тоа не само во Македонија туку веќе така мислат и доста Епископи на СПЦ, а да не збориме и за другите Православни Цркви. Таа тема Владиката многу внимателно ја допре во своето интервју кога напиша: „Секако, не треба да се заборави и неговата идеја да стане Архиепископ, како и неговите крајно нарушени односи со Синодот на МПЦ. Се надоврзаа многу непромислени и ирационални работи... Сепак, гревот го мразиме, а грешникот го љубиме... Од мене му е простено...“ 

5.  Ако убаво го препрочитате интервјуто на Владиката, ќе видите дека никаде во него не спомнува дека „државата и МПЦ треба да бидат вечни“ туку пораката е дека треба да се бориме за нив за тие да опстанат „до крајот на векот“, односно до крајот на светот и историјата. Тоа е патриотска и легитимна борба за сите Македонци, а сè дотогаш и за Црквата актуелно пастирско прашање. Никој во Македонија ниту пак Владиката каде било го има спомнато терминот ’небесна Македонија’. Бог да чува од таа прелест! Знаете на што мислиме... Ниту пак во Македонија Господ се пцуе...

6.    Никаде Владиката во своите текстови нема напишано дека е исихаст и дека го има дарот на умносрдечна молитва. Ако тоа вие го вадите како заклучок од она што тој го напишал - тоа е ваш проблем, но што ли тогаш мислите за вашите духовни отци од кои не сте чуле ни збор за умносрдечната молитва! А како и ќе чуете, кога го презреа патот на Отците!? Откако го напуштија својот духовен отец не се потчинија на друг до моментот на добивањето на тој дар од Бога (како што е редот), туку самите предвреме станаа игумени и духовници и засекогаш си го затворија влезот во срцето. Одозгора на сè, бараат од вас апсолутно послушаниие, до крајот на животот, и ве држат во разни стравови. Но само тоа е поентата на доаѓањето во манастир: нашиот ум, преку послушанието, да го потчиниме на умот на духовниот отец до просветлувањето. Потоа монахот носител на тој дар слободен е од потчинетост на луѓе, но не и од послушност кон Господ. Сè друго е обична импровизација и лажно монаштво. Што да правиме, словото за Исусовата умносрдечна молитва отсекогаш било камен на сопнување, затоа што за неа човек може само од опит да зборува, а не од прочитано.

7.       Убаво слушнавте што на сите ни порача Рускиот Патријарх: „Скоро 40 години веќе трае раздвоеноста (меѓу МПЦ и СПЦ). А во текот на последнава година спротивностите уште повеќе се заострија. Беше создадена паралелна црковна структура, но ова не помогна да се исцели расколот... Затоа ние, без разлика на сите компликации, сметаме дека е неопходно да продолжат преговорите на Српската Православна Црква со ерархијата на Православната Црква во Македонија. Македонската страна повеќепати нè побара за помош во овој процес. Ние од наша страна сме подготвени за тоа.“ Значи, ако вие стотина души го решивте проблемот со вашето спасение, за што ние многу се радуваме, зошто не нè оставите нас три милиони да си го решиме нашиот проблем со стапување во видливо и јавно канонско и литургиско единство со останатите помесни Православни Цркви? Зар не сакате и ние да се спасиме?

8.     И за крај, ако ги споредите вашите текстови со текстовите на Владиката, ќе видите дека за разлика од вас, тој лично никаде не ве навредува, освен ако некој не се чувствува навреден од непремолчувањата на Вистината. Владиката во своите текстови секогаш го посочува канонскиот и пастирски возможен начин за решавање на проблемот, како што видовте и во последното интервју. И тоа го прави пред сѐ за доброто на Православната Црква, а потоа за доброто на МПЦ и за спасението на сите. Ако беше за него лично, од таква борба тој нема потреба. Владиката лично, и оние што се со него, служат и сослужуваат и се причестуваат во повеќе Православни помесни Цркви, не само во една, и вие тоа добро го знате. А и ние кои сме со него го имаме тоа сведоштво, и лично и од фотографски материјал и др. Затоа поарно е сите, секој од своја позиција, да придонесеме кон решавање на проблемот отколку напразно да си ги трошиме силите во меѓусебни докажувања. Кај нас православните не смее да има победници и губитници, сите мора да победиме. Затоа што ги губиме или добиваме своите души. Господ да ве благослови!

 

      P. S.

      Штом ова ќе го прочитате, јавете ни веднаш за да го тргнеме од сајтот.