Преподобен Јустин Ќелиски: За посекувањето на Крстителот
 
 
 
 
 

Преподобен Јустин Ќелиски: За посекувањето на Крстителот (23.01.2022)

Браќа мои, голема тајна содржи овој празник, голема Божја тајна се ткае на ткивото на денешниот празник. Слушнавте од Светото Евангелие: учениците му јавуваат на Спасителот дека Претечата е посечен. Замолкна устата која на светот Те објави Тебе, Господи! (аввата плаче). Што сега? Кои сме ние во споредба со Твојот Велик Крстител? Спасителот молчи. Што е најневообичаено, Тој ги повикува Своите ученици и заминува на пусто место. Што е тоа? Зарем Господ бега, зарем Он бега од Ирод? Ете, Тој, Семилостивиот Чудотворец, гледајќи ја онаа кутра мајка вдовица, го воскресна нејзиниот непознат син. Но не непознат за неа и за Него. А ете, Господи, Твојот Претеча лежи мртов, погубен, зошто не го воскреснеш него?

Ти ја воскресна ќерката на некој старешина Јаир. А ете, оној за кого Ти рече дека е најголем меѓу родените од жена, посечен е од царот злотвор. Господи, брани ја Својата правда, брани го Твојот прв апостол, брани го својот прв маченик, прв евангелист, прв ангел, прв пророк, прв исповедник. Воскресни го него! Спасителот молчи, заминува на пусто место и Му се моли на Бога. Зошто Господи?

Затоа што Светиот Претеча треба да биде првиот апостол и во пеколот, во царството на смртта, каде што отидоа сите души на сите луѓе од Адам до доаѓањето на Спасителот на овој свет. Во тоа царство на смртта кое се нарекува ад, т.e. невидливо место во кое никој никого не гледа, темница, во тоа царство на смртта беа сите, и праведници и неправедници, и сите старозаветни луѓе до доаѓањето на Господ Христос. Човечкиот грев ја воведе смртта во овој земски свет, смрт меѓу луѓето. И царството на смртта беше единственото обитувалиште на човечките души по нивната телесна смрт во овој свет. Претечата треба да биде Претеча и во пеколот и во царството на смртта, и таму да им објави на душите на сите луѓе: Ете, дојде на земјата Оној Кого вие Го очекувавте и Кого копнеевте да Го видите. Вие, праведници, сите: Мојсеј, Авраам, Давид, сите свети пророци и праведници. Еве, дојде на земјата како Човек, дојде како Спасител, и чини такви знаци и чуда какви што сите вие заедно, пророци, никогаш не сте виделе. (...)

И се јави Светиот Претеча во царството на смртта како прв евангелист, за да го објави Христовото Евангелие на сите души во царството на смртта. Им се јави на сите нив како прв маченик, за да покаже како за Вистинскиот Бог, Господ Христос, луѓето радосно ќе одат во смрт, сѐ додека смртта не биде совладана и победена. Нема да се плаши од смртта, бидејќи ќе биде посилен од смртта. Господ ќе дари победа над смртта на телото, со Своето Воскреснување со тело. И влезе славниот Крстител во царството на смртта како Претеча на сите вистински исповедници Христови во светот, како Претеча на сите вистински пророци во светот, за на сите души да им објави во царството на смртта: ете, смртта е победена, демоните победени, царството на смртта ќе биде разурнато кога Господ ќе се јави овде по кусо време. И вие ќе бидете изведени од овој ужас во небесните радости и небесните светови.

Затоа Господ молчеше, затоа Господ не го воскресна оној за кого рече дека е најголем меѓу родените од жена. Требаше да ја заврши својата апостолска, својата маченичка работа, во пеколот, во царството на смртта. И ете, затоа денешениот ден е ден за нас христијаните, како друг Петок, Велипеток. Но како што за Спасителот по Велипеток доаѓа Воскресението, така и Претеча умира радосно, влегува во смртта за да ја види победата над смртта, бидејќи знае дека Господ и нему му осигурува вечен живот и воскресение од мртвите на денот на Страшниот Суд.

Преподобен Јустин Ќелиски