Христијанството е за ЈУНАЦИ И ЗА ГЕНИИ НА ДУХОТ
 
 
 
 
 

Христијанството е за ЈУНАЦИ И ЗА ГЕНИИ НА ДУХОТ (23.07.2015)

29 март 1968 година

           

            Мили, многу мили мои оче и матушка, Миша и Коља и сите други кои во овој миг се дома или ќе допатуваат од југ, односно Вера и целото нејзино семејство[1].

            Мир вам и благослов одгоре да бидат со сите вас во сите ваши денови. Многу ви благодарам за писмото. Самиот факт дека сте живи ми дава утеха...

            Ви благодарам за честиките и за добрите желби, за непроменливоста на вашата љубов кон мене. Длабоко ја ценам таа непроменливост! Зашто на земјата воопшто има толку малку луѓе што остануваат верни на своите зборови, верни на своето пријателство, верни дури и во бракот. Со тие зборови, кога основаат пријателства, братства, тие чинат не земна корист, туку вера на друг план.

            Моето здравје досега не беше толку страшно лошо. Но, се разбира, староста го прави своето и животот очигледно се приближува кон својот крај. После педесет-шеесет години сите ние сме опкружени со луѓе кои во минатото, како и ние, биле млади, но кои сега веќе заминуваат, потсетувајќи нѐ на неизбежноста на тој страшен, а воедно и радосен ден. Мојот живот се ОДДОЛЖИ сосем неочекувано за мене. Вие самите ме видовте на прагот на смртта. Не се надевав дека ќе ја доживеам четириесетата, а сега наскоро ќе наполнам седумдесет и две! Но, кога го гледам тоа што е направено, ме обзема тага кога ќе видам колку е ништовно тоа што сум го направил. А колку полети имаше, колку неостварени идеи, нерешени задачи. И тоа што е направено е постигнато по неспоредливо висока цена. Меѓутоа, сѐ што реков воопшто не е храна, туку само констатација. Како што веќе знаете, сега многу време поминувам во мојот „агол“. Тоа е спас за мене. Животот со младите веќе ми стана тежок. Кај нив нема вистинско вдахновение да градат, да создаваат. Затоа, кога сум сам, душата ми се одмора. Далеку од очите, далеку од срцето... Таа, всушност, непријатна изрека во овој случај може да се примени на мене. Чудно: бидејќи не сум врзан за имот или нешто друго, заборавам на потребите и работите на мојот манастир предавајќи им се на мислите во самотијата. Секако, сепак често одам таму за да леам уште пот, заработувајќи за живот за моите чеда. Кога би ги оставил, мислам дека уште сега не би излегле на крај со претстојните задачи: треба да се најде леб за секој ден, и освен тоа, има толку многу секакви други потреби. А тие имаат невоообичаена привилегија: храм во самиот дом и Литургија и услови што тешко дека ќе се најдат на земјата на некое друго место. Понекогаш ми се чини дека сфаќаат, но, најчесто, како деца: не размислуваат како тоа дошло, со какви напори, па дури и со какви маки сето тоа е постигнато. Се разбира, во тој поглед, од моја страна најголема грешка беше тоа што мислев дека луѓето со срцето разбираат што значи името „христијанин“. Христијанството сѐ уште никогаш не било прифатено на земјата. „Историското“ христијанство премногу често го отсликува најстрашното извртување на смислата на Евангелието. Колку злосторства се извршени и сѐ уште се вршат во името на Христос! Каков ужас! Какво извртување! И кога ќе чуеш како многумина се осудуваат да се наречат христијани, истовремено ти доаѓа мислата: а ќе ги нарече ли некогаш Самиот Христос „Свои“? Самиот Он рекол дека многумина ќе Му речат: Зарем не пророкувавме во Твое Име, и друго... Он ќе им одговори: Одете од Мене вие што вршите беззаконие; не ве познавам.

            Достоевски од устата на своите јунаци рекол дека христијанството е за ЈУНАЦИ И ЗА ГЕНИИ НА ДУХОТ. Самиот Христос рекол дека секој што го извршува Неговото слово знае ОТКАДЕ е тоа.. И Павле рекол дека Евангелието Христово не е од човекот и не е според човекот. Може само да се претпостави дека, ако уште се продолжи човечката историја, еднаш можеби ќе се случи таква суштинска промена во луѓето, па тие навистина ќе станат браќа што заедно се молат „Оче наш“ вистински. Но, еве, остарев и се подготвувам да умрам речиси без надеж дека такво време на победата Христова ќе дојде. Секогаш кога слушам радио или земам весник в рака ме обзема ужас од ѕверското дивјаштво и суровоста на луѓето. Доста беше. Не ни доликува да бидеме песимисти. Ако не овде, на земјата, тогаш во идното Царство ќе ја видиме победата на вистината, и јас верувам дека таа победа е НЕИЗБЕЖНА. Еднаш, набљудувајќи ги лавовите и тигрите во една зоолошка градина, размислував како ќе дојде време кога луѓето ќе ги стават во кафез сите ним слични „човеколики“, а царството и власта ќе бидат во рацете на „кротките“, тие ќе ја наследат земјата...

            Можеби повеќе нема да можам да ви пишувам за Велигден, но, како што знаете, јас исто така не сум неверен во љубовта и сеќавањето, и на Светлиот Ден ќе ви го испратам својот безжичен поздрав во Христос Воскреснатиот.

            Господ сите да ве чува.

 

                                    Старец Софрониј (Сахаров)

 



[1] Во 1947 година, после повеќе од дваесет и две години поминати во манастирите на Света Гора, јеромонах Софрониј доаѓа во Франција каде што се запознава со семејството на протоерејот Борис Старк, со неговата жена Наталија Димитриевна и нивните деца. Четириесет години ги врзувала љубовта во Христос и братско пријателство.