„Од полнотата Негова примивме сите“
 
 
 
 
 

„Од полнотата Негова примивме сите“ (19.01.2015)

И кога излегуваше од водата, веднаш виде како Му се отвораат небесата. Гледате ли дека Светото Крштение претставува врата кон небото и дека таму ги воведува оние што се крштеваат? Заради тоа не вели едноставно ‘се отворија небесата’, туку ‘Му се отворија небесата’, и сѐ што се извршуваше на Него, се извршуваше заради нас. Заради нас, значи, преку Него се отворија небесата и таа врата која Он широко ја отвори, очекувајќи го нашето проаѓање. Пред сите останати за тоа сведочи првомаченикот Стефан. Приклонувајќи ги колената тој се помоли и, погледнувајќи на небото, го виде она што никој пред Крштението Христово го немаше видено зашто погледна на небото и го виде Исус во славата Божја (види  Дела 7, 55). Он не ја виде само неискажливата слава и наднебесното место, туку и Најљубениот во славата на Отецот, така што он прв после Христос блажено го созерца она што никој пред Христос го немаше видено и во што ни самите ангелски воинства не се осмелуваат да проникнат: ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, а за нас, со она што ви се јави сега вам преку оние, кои го проповедаа Евангелието од небото преку Светиот Дух, и во кое сакаат да вникнат ангелите (1 Петар 1, 12). Бидејќи го привлече возљубениот, Исус сакаше овој ѓакон да биде прв на небото и многу повозвишен од ангелските духови, зашто беше првиот маченик за вистината. Нам, значи, преку Него ни се отворија небесата и Он преку Самиот Себе нѐ очисти и нас, зашто на Самиот Нему не Му беше потребно ни очистување ниту отворање на небесата.

Јован виде сѐ што се случи за да може да им каже подоцна на оние што го прашуваа: Јас видов и посведочив дека Овој Христос е Син Божји. Јован, значи, виде како Духот Божји слегна во вид на гулаб и остана на Него (Јован 1, 32). И обличјето на гулаб сведочи за чистотата на Оној врз Кого се имаше спуштено, бидејќи таа птица не слетува на нечисти и злосмрдни места, а сведочи и гласот на Отецот од небесата. И погледни, заедно со гулабот се зачу и глас од небесата кој говори: Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја (Матеј 3,17), Овој Кого сега Го покажува и Мојот Дух, слегувајќи и останувајќи на Него како на Мој совечен Син. И навистина, користејќи се со совечниот, единосуштен и наднебесен Дух како со прст, Отецот истовремено огласува и покажува од небесата дека е со Него соединет, откривајќи и објавувајќи им јасно на сите дека Оној, Којшто во тоа време се крштеваше од Јован во Јордан, е Синот Негов Возљубен.

Духот не само што се појави како прст со кој Отецот покажуваше, туку и слезе на Оној на Кого што Отецот покажуваше и Го допре, и не само тоа, туку и остана на Него како што вели евангелистот: И сведочеше Јован велејќи: Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана на Него (Јован 1, 32). И не само што остана на Него и во Него (сведок е оној кој вели од полнотата Негова примивме сите), туку и пред ова видливо слегување пребиваше во Него невидливо. За тоа сведочат и бестелесните и небесни ангели, од кои еден, архангел Гаврил, Ѝ рече на Онаа што во девственост Го зачна: Светиот Дух ќе слегне на Тебе (Лк. 1, 35), а исто така и ангелот кој за Нејзе му рече на Јосиф: Зашто зачнатото во Неа е од Светиот Дух (Матеј 1, 20).

...Се возвишува кон тоа достоинство и нашата природа која Он ја прими и стана неразделива од Синот Божји, така што и после Неговото очовечување постојат три за поклонение достојни и озарувачки ипостаси во кои веруваме и во кои се крштеваме, соблекувајќи го во божественото Крштение стариот човек и облекувајќи се во Христос, новиот Адам, Кој во себе ја обнови нашата со грев обременета природа, бидејќи благоволи да ја прими од крвта на Дева и со Себе да ја оправда, а потоа сите оние кои од Него се родија во дух ги ослободи од прародителското проклетство и осуда.

И што значи сега тоа? Зарем тоа што Синот Божји не прими од нас ипостас туку природа, којашто ја обнови соединувајќи се со неа по Својата ипостас, значи дека секого од нас, како посебни личности, Он не нè направи причесници на Својата благодат и дека секој од нас поединечно не добива од Него простување на своите лични гревови?! Зарем е можно да постапи така Оној Кој сака сите луѓе да се спасат (1 Тим. 2, 4), Кој заради сите нас ги приклони небесата и слезе (Пс. 18, 9), Којшто со дела, зборови и страдање ни го покажа патот на спасението, Кој се вознесе на небесата и таму ги приведе оние што Го следат? Природата која од нас и заради нас ја прими, Он и ја обнови, покажувајќи ја како осветена, оправадана и во сѐ послушна на Отецот, соединувајќи се со неа ипостасно и преку неа сето тоа го оствари и пострада. Тој ја обнови не само природата, туку и ипостаста на секој од нас верните и ни подари простување на гревовите преку божественото Kрштевање, преку исполнувањето на Неговите заповеди, преку покајанието кое им го подари на паднатите и преку причестувањето со Неговите Тело и Крв.

 

свети Григориј Палама