Тивко моли се за сите
 
 
 
 
 

Тивко моли се за сите (03.12.2014)

Работете непрестајно и неуморно, трудете се и ќе стигнете секаде. Проповедајте им Го Христос на сите, паѓате од замор трудејќи се за Христос и за Неговата Црква, не жалете ја својата младост... Дајте сѐ за Христос и за Неговата Црква! Таа треба да расте, а ние да се смалуваме преку смирението...

Вие сте како овци меѓу волци (Мат. 10, 16). Што треба да правите? Надворешно бидете мирни и молете се во себе. Бидете подготвени, бидете образувани, бидете храбри, но со светлина, кроткост и молитва. За вака да постапувате меѓусебно, треба да бидете свети.

Во беседите не зборувајте многу за религиите – и тогаш ќе победите. Дозволете му на човекот кој има поинакво мислење да се излие, говори и говори... Тој нека почувствува дека се сретнал со спокоен човек. Делувајте на него со својата добра намера, со својата молитва, а потоа кажете неколку зборови. Нема да направите ништо ако зборувувате остро.

Ти си побожен човек. И сакаш да ги натераш своите блиски луѓе да веруваат и да бидат побожни како и ти. Мислиш дека така ќе успееш да направиш нешто? Само ќе предизвикаш штета. Принудата предизвикува отпор кај луѓето. Ти му велиш на човекот: направи го тоа, а тој не сака бидејќи ти му сугерираш така. Во него се подигнува бран на отпор и тој ќе ги игнорира твоите зборови. Меѓутоа, ако ближниот забележи дека и ти самиот правиш нешто, тогаш можеби и тој ќе го направи истото. Човекот те набљудува и размислува: „Ако тој го направи тоа и јас ќе го направам истото“.

Тивко моли се за сите. За целата Црква, за свештенството, за монасите. Нашата Црква денес поминува низ криза.

Биди вистински христијанин! Тогаш нема никого да го сфатиш погрешно, туку твојата љубов ќе порие сѐ... Како што Христос стои пред вратата и тропа, но не ја отвора со сила, туку чека човековата душа самата слободно да Го прими, така и ние треба да се однесуваме кон секоја човечка душа... Зборовите ги надразнуваат ушите, а често ги нервираат и луѓето. Напротив, одекнуваат молитвата и животот. Животот вознесува, препородува и преобразува, додека зборовите остануваат бесплодни. Најдобро мисионерската работа се остварува преку нашиот пример, љубовта и благоста.

Љубовта е над сѐ. Она што треба да ја окупира нашата душа, деца мои, е... љубовта кон другиот човек, односно неговата душа. Што и да правиме – молитва, совет, опомена – сето тоа треба да го правиме со љубов. Без љубовта од молитвата нема полза; советот навредува, опомената е штетна и го упропастува другиот, кој чувствува дали го љубиме или не, и реагира на соодветниот начин. Љубов, љубов, љубов!

Љубовта кон нашиот брат нѐ подготвува уште повеќе да Го возљубиме Христос.

Злобата на другиот човек треба да ја сфатиме како болест која го мачи, од која тој страда и од која не може да се спаси. Затоа треба кон нашите браќа да се однесуваме со сочувство, учтиво и благородно, изговарајќи ја во себе, во срцето, молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, за Божјата благодат да ја направи појака нашата душа за никого да не осудуваме. Во нашите очи сите треба да бидат свети. Сите ние го носиме во себе истиот стар човек. Ближниот, каков и да е, е тело од нашето тело, односно наш брат, а ние треба само да се љубиме едни со други, според апостолот Павле (Рим. 13, 8).

Преподобен Порфириј