Што значи тоа да слезе умот во срцето?
 
 
 
 
 

Што значи тоа да слезе умот во срцето? (09.05.2014)

Божјото Царство е во вас. Бидејќи Божјиот Син е во тебе и Неговото Царство е таму. Небесното богатство ќе биде во тебе, ако го сакаш. Еве го Божјото Царство во тебе, грешнику. Влези во себе, барај поревносно и без тешкотии ќе го најдеш... Надвор од тебе е смртта, а вратата која води кон неа е гревот... Влези во себе, живеј во своето срце, затоа што таму е Бог (св. Ефрем Сирин).

Од главата треба да се слезе во срцето. Сега размислувате за Бога во главата. А Самиот Бог како да е надвор и излегува дека овој труд е надворешен. Додека сте во главата мислите не можат да се смират. Ако, пак, го најдете срцето и умеете да останете во него, секој пат кога ќе почнат да ве мамат помислите треба само да се слезе во срцето – и тие се разбегуваат. Срцето е безбедното засолниште. Не треба да ве мрзи да слезете таму. Во срцето е животот, токму таму треба да се живее. Немојте да мислите дека таа активност е само за совршените. Не, таа е за сите кои Го бараат Бога.

Како да се сфати изразот „слегување на умот во срцето“? Умот е таму каде што е вниманието. Неговото сосредоточување значи вниманието да се втемели во срцето и умно пред себе да Го гледа невидливо присутниот Бог, обраќајќи Му се со славословие, благодарење и молба, притоа внимавајќи ништо однадвор да не влезе во срцето. Тоа е целата тајна на духовниот живот.

Главниот подвиг е во чувањето на срцето од страсните движења и на умот од таквите помисли. Треба да се гледа во срцето и сѐ што не чини да се исфрли оттаму.

Зарем е можно тоа?! Бог моли за вашето срце постојано (до крајот), а срцето Го сака Него. Затоа што без Бога тоа никогаш нема да биде сито, постојано ќе копнее по Него.

Сите ние, крстените и миропомазаните, го имаме дарот на Светиот Дух. Него сите го имаат, но тој не е активен кај сите. Најважно е вниманието да биде сосредоточено на Господ, тоа е идентично со втемелувањето на размислувањето за Бога во срцето.

Го барате Господ? – Барајте Го, но само во себе. Тој е близу до сите. Господ е блиску до сите оние што искрено Го повикуваат. Најдете го местото на срцето и таму беседете со Господ. Тоа е Неговата сала за прием! Таму треба да биде остварена средбата со Господ. Друго место за средба Тој не одредил.

Схи-игумен Харитон Валаамски