Сетилата престануваат да дејствуваат и човекот е грабнат во созерцание
 
 
 
 
 

Сетилата престануваат да дејствуваат и човекот е грабнат во созерцание (12.04.2014)

Тоа што ти, чедо мое, си го вкусил преку молитвата во текот на ноќта, било дејство на благодатта. Моли Го Бога, повторно да ти го подари она што Му е Нему угодно.

Познавам еден прочуен брат, кој еден ден, се сретнал со многу искушенија. Плачел целиот тој ден, не вкусувајќи ништо.

Додека заоѓало сонцето, тој, седејќи на некој камен на врвот на Света Гора, го здогледал храмот на Преображението и плачејќи, со болка преколнувал:

„Господи, како што Ти си се преобразил пред Своите ученици, така преобрази се и во мојава душа! Зауздај ги страстите и смири го срцето! Подај ја молитвата на оној што се моли и задржи го мојот нескротлив ум!“

Додека тој, со болка тоа го изговарал, од храмот наишло нешто како лесно ветре преисполнето со благоухание. Како што овој брат ми кажа, тоа ветре ја исполнило неговата душа со радост, просветлување и Божествена љубов. Од неговото срце, со сладост потекла непрестајната молитва.

Тогаш станал и се упатил на местото каде што живеел, зашто веќе се стемнувало. Приклонувајќи ја главата на градите, почнал да ја искусува сладоста која ги изливала даровите на молитвата. Истиот тој момент бил зафатен од созерцанието, наоѓајќи се потполно надвор од себе.

Не бил опкружен со ѕидови и камења и бил надвор од секоја желба. Во таа тишина, во таа заслепувачка Светлина, во таа безгранична ширина. Едноставно бестелесен. Неговиот ум бил обземен само со едно нешто: повеќе да не се враќа во телото и засекогаш да остане таму, каде што тогаш се наоѓал.

Тоа било првото созерцание, кое го видел овој брат. Повторно се вратил на себе и се подвизувал за да може да се спаси.

...

Тоа е таа Божја средба, кога се кршат сите ѕидови и тој веќе дише нов, поинаков  воздух, слободен и преисполнет со благоуханието на рајот. Потоа повторно, малку по малку, си оди од него облакот на благодатта и го стврднува земниот човек како восок, па го враќа на себе, како да излегол од бања: чист, лесен, светкав, светол, сладок и мек како памук, полн со мудрост и знаење.

Само оној што тоа го сака, принуден е, во секој момент да чекори кон смртта.

 

Старец Јосиф Исихаст