Присуството на Божјата Светлина ги собира причесните души и ги преобразува во неа (извадоци)
 
 
 
 
 

Присуството на Божјата Светлина ги собира причесните души и ги преобразува во неа (извадоци) (29.11.2013)

Присуството на Божјата Светлина ги собира причесните души и ги преобразува во неа... Силите на нивниот умствен вид ги води во скриените длабочини на Божественото и им дава способност за созерцание и познание на големите тајни.

Првата бестрасност доаѓа кога после успехот во разновидните подвижнички трудови ќе се смират страстите, кога остануваат пасивните стремежи на плотта и силите на душата почнуваат да делуваат според својата природа, а умот се вознесува во својата првобитна состојба – разумно се поучува во Божјите работи. Потоа, со почетоците на природните созерцувања очигледно доаѓа втората, посовршената бестрасност, во која умот поради тихувањето ги вознесува помислите кон мирниот поредок и здобива моќ да гледа и да биде прозорлив: може да види кога станува збор за Божји работи, и уште подобро, му се откриваат Божјите тајни; тој станува прозорлив кога се во прашање човековите работи кои штотуку доаѓаат и треба да се случат. Во двата случаи на бестрасност делува истиот Дух Кој кај првата моќно држи и врзува, а кај другата ја разрешува слободата на вечниот живот, како што вели апостолот Павле.

Сѐ додека нашата мисла е расеана со различни грижи и душата е смутена од страстите поради кои нејзините сили неприродно дејствуваат, човекот не е во состојба со возвишено срдечно вознесување да Му пее на Бога чиста песна. Како ќе Му пееме песна на Господ на туѓа земја, т.е. во срцето кое го надвадеале страстите?

Три вида природи постојат во човекот: телесен човек, кој сака да живее само заради сопственото уживање, дури и на штета на другите; природен човек, кој сака да си угоди себеси и на другите; и духовен човек, кој сака да Му угодува само на Бога, макар и на своја штета.

Жена на богоугодниот човек му е благочестивоста (побожноста), а синови, и воопшто деца, она што се раѓа и израснува од боговдахнатото учење; дом му е овој (сегашен) живот, а како свеќа во домот, свети неговото благочестие. Под жена се подразбира и најчистото размислување на богоугодниот човек, од кое, како деца и плодови се раѓаат даровите од небесното познание. Под дом се подразбиа Божјата Светлина, со која тој се покрива и просветлува, а под трпеза – природното созерцување; на таа трпеза, како разновидна храна, се наоѓаат зборовите за суштествената чаша на премудроста.

Кога телото еднаш ќе се запали со подвижничкиот оган и ќе мине низ крштението на солзите... прима спокојство и молчење исполнето со мир, и се преисполнува со друга сила... (силата) на Светиот Дух. Кога душата ќе добие такво тело за соработник... своите природни движења ги насочува кон умната активност и борба... проникнува во богословието.

Оној што ќе воскресне од мртвите, воскреснал заедно со Христос. Ако воскреснал со Него преку спознанието – „и смртта веќе не владее со Христос“ – тогаш смртта на незнаењето повеќе не владее со него. Затоа, тој повеќе не живее во телото и во светот, бидејќи ги умртвил членовите на телото и световните работи, бидејќи, Христос живее во него. Тој е миленик на благодатта на Светиот Дух, и воедно е ослободен од законот на телото, што значи дека тој Му ги принел своите членови на Бог Отецот како оружје на праведноста.

Смирението е нешто најголемо меѓу добродетелите: затоа што тие во кои ќе се вкорени, преку најискреното покајние, молитвата и воздржувањето, во истиот миг ги прави слободни од страстите.

Христос заради нас со смрт на Крстот се жртвуваше самиот Себе и непрестајно го предава Своето пречисто Тело како жртва, и секој ден ни го подготвува како гозба за да ги нахрани нашите души. За така, хранејќи и напојувајќи се со Неговите свети и чесни Тело и Крв, и соединувајќи се на тој начин со Него, да станеме подобри отколку што сме, за да се преобразиме и стремиме кон горе... Така, повеќе нема да си припаѓаме на себе, туку на Оној Кој нѐ присоедини кон Себе преку бесмртната Вечера.

Свети Никита Ститат