За трезвеноста на умот и Исусовата молитва
 
 
 
 
 

За трезвеноста на умот и Исусовата молитва (13.10.2013)

Трезвеноста на умот – просветленоста на мислите происходи од бестрастието, односно од чистотата, постот, воздржувањето, безмолвието, Исусовата молитва, отсуството на грижи, умерен сон и од дејството на Светиот Дух, кога ни е дадена благодатта. Со овие добродетели умот се чисти од помрачувањето, грубоста и фантазирањето, се просветлува, и тогаш човекот станува остоумен, собран и со ведро расположение. Никој не може да го запре кружењето на мислите на друг начин, освен преку непрестајната Исусова молитва, сеќавањето на смртта и идните маки, размислувањето за ветените богатства и желбата тие да се здобијат, и внимателното пеење или читање. Помарчувањето, грубоста и фанатазирањето исчезнуваат преку молитвата, постот и безмолвието. Молитвата и постот ги протеруваат гревовните помисли, го спречуваат распалувањето на мозокот, го чуваат умот, го собираат од расејаност и го просветлуваат. Молитвата и постот ги бркаат нечистите духови и ги исцелуваат оние што се обземени од демоните, како што рекол Господ: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост“. Со нив се чисти умот, во кој често, под дејството на лошите духови, доаѓа до помрачување. Тие се оружјето кое ги спречува демоните за каков било влез во нас. Молитвата како благодатен дух го просветлува умот и му дава покајание. Молитвата во трезвеното срце е чувар на умот: таа ја уништува неговата склоност кон талкање, како што водата го гаси огнот. Затоа на оваа добродетел и доликува најголемото име; од неа се раѓаат светли созерцанија. Засакувајќи ја, вие, непотребните и недостојни грешници, ќе станете свети и достојни; вие, неразумните и невнимателни, ќе станете разумни и собрани; вие, неправедните, ќе станете праведни; па и повеќе од тоа; преку изговарањето на името на Господ Исус Христос, Божјиот Син, ќе станете созерцателни, богослови и сведоци на Божјите тајни. Многу свети Отци засведочиле дека Исусовата молитва е извор на секое добро и ризница на добродетелите, таа брзо удостојува со (слегување на) благодатта на Светиот Дух, спасува, укажува на непознатото и поучува. Како што во огледалото човекот го гледа своето лице, така во трезвената и добра молитва умот го гледа својот живот, односно дали живее добро или лошо. Оваа разумна молитва од човекот ги протерува многуте страсти, го ослободува од демонските мрежи и од лошите помисли, зборови и дела, ја победува секоја желба, чувство и мака од паднатата природа, помага во сите искушенија, очистува, бидејќи со ова име Му се обраќаме на Бог, Кому сите Му се потчинуваат. Ништо не може да ги победи измамите на вештите и злобни ѓаволи како трезвената, чиста Исусова молитва, практикувана со внимание, чист ум и смиреномудрие.  

 

Преподобен Паисиј Величковски