За молитвата и смирението
 
 
 
 
 

За молитвата и смирението (01.10.2013)

Молитвата ни е постојано неопходна, затоа што секогаш треба да бидеме со Бога, а и лукавиот ни додева постојано. Божјата милост е со нас, нека не се плаши ниту едно натажено срце, бидејќи сме искупени со Крвта на Спасителот, што значи дека сме „скапо платени“.

Не треба да се прекинува молитвата. Моментите на опустошеност, излети и падови се случуваат и кај светите – поради нивно смирение. Демоните сакаат да те задржат во состојба на лажно спокојство за да не ја примиш вистинската утеха од молитвата, која се излева од срцето постојано. Моли се смирено за да Го доведеш Господ во срцето и не вознесувај се со умот и не талкај во височините, бидејќи подобро е да бидеш ништо отколку херој на кој било друг, освен на Христос.

Би било добро ако размислуваме за Него постојано, и не само да ги нижеме зборовите, туку со нечујни воздишки да трепериме. Преп. Агатон рекол: „Кој се моли само кога се моли, тој не се моли“. Светиот кажува дека треба со сето срце да се чувствуваат Бог, Божјата Мајка и сите светители, колку што може почесто. Тоа би ја чувало свеќата на твојата душа запалена и тешко би било таквата душа да биде нападната. Треба да се знае дека ѓаволот се плаши од трезвеноумниот човек. Молитвата без сомнеж е полезно средство, а трезвеноумието е постигнатата цел.

Смирението не може да дојде самото од себе, без Божјата благодат. Спасителот вели: „Без Мене не можете ништо да направите“. Сто и тринаесеттото правило на Картагенскиот собор вели: „Ако некој сепак рече дека може нешто да биде без Христос, нека биде анатема“.

Брате, зар не знаеш дека ако размислуваш високо за себе и се гордееш, од тебе ќе си замине Божјата помош? Напишано е: „Бог е против гордите, а на смирените им дава благодат“. Размисли за тоа дека без Божјата благодат ти си прав и пепел. Ако мислиш дека, ете, Господ те трпел до сега и така ќе биде секогаш, тогаш со голем страв треба да се загрижиш затоа што Бог веќе долго трпи.

Сине, размисли за тоа дека го имаш само времето на овој живот и со ревност, со желба да бидеш со ангелите на небото, барај да се смириш, затоа што само така ќе ѝ ја дадеш вистинската вредност на онаа убавина која си ја здобил во себе, за тоа духовно богатство да не ти послужи како пропаст. Внимавај на себе, бидејќи Христос суди според тоа како ќе те затекне.

Без смирение нема никаква надеж за спасение. „Ако нема кроткост во твоето срце, тогаш знај дека тука има некакво високоумие“. Неопходно е да се сфати дека Бог толку малку бара од нас, за да го спечалиме Неговото наследство. Кроткост, кроткост и уште еднаш – кроткост!

Старец Арсениј Папачок