Преку молитвата влегуваме во Божјиот живот
 
 
 
 
 

Преку молитвата влегуваме во Божјиот живот (17.08.2013)

Ако сакаме да се родиме за новиот живот во Бога, ако сакаме да ги преобразиме нашите душевни тела во духовни, како што вели св. ап. Павле: „се сее душевно тело за да стане духовно“, никој од нас не може да ги избегне страдањата. Само силата на молитвата е во состојба да го совлада отпорт на материјата и да го вознесе нашиот дух од овој ограничен и инертен свет во широко отвореното пространство, осветлено од сјајот на Светлината.

Умот е збунет од искушенијата на кои наидуваме во нашата борба за молитвата. Не е лесно да се одреди ниту причината, ниту видот. Сѐ додека не „влеземе во Божјата Светлина“ често ќе се колебаме и сомневаме дали нашиот труд Му е угоден на Сесветиот. Бидејќи не сме ослободени од гревот, единствено за што можеме да мислиме е дека нашите грешки се тие што го предизвикуваат невремето околу нас, но да не заборавиме дека кога раните христијани паѓале во очај, апостолот Петар ги потсетувал дека „Духот на славата“ почива врз нив. Едно сепак е јасно и не подлежи на сомнеж: ќе дојде часот кога сите наши искушенија и неволји ќе исчезнат во минатото. Тогаш ќе ни стане јасно дека најболните периоди во нашиот живот биле најплодоносни, и дека тие ќе нѐ пратат надвор од границите на овој свет, за да бидат темели на „непоколебливото“ Царство.

Семоќниот Бог нѐ повика од небитие. По својата природа ние сме никакви, но сепак, од Бога очекуваме признание и внимание. Одеднаш, Семоќниот ни се открива преку сопственото безгранично смирение. Оваа појава го преплавува сето наше битие и ние инстинктивно сме воодушевени и се поклонуваме. Ова ни изгледа доволно, но колку и да се трудиме да се смириме пред Него, сепак сме далеку од Неговото смирение.

Молитвата кон Богот на љубовта и смирението се издигнува од длабочината на нашето битие. Кога нашето срце е исполнето со љубов кон Бога, потполно сме свесни за нашата блискост со Него, иако многу добро знаеме дека сме „прав“. Дури и повеќе, во видливиот дел на нашата природа бесмртниот Бог го втиснал Својот лик, и ние на тој начин можеме да ја почувствуваме вечноста. Преку молитвата влегуваме во Божјиот живот и Бог, Кој се моли во нас, е несоздадениот живот што нѐ проникнува.

Старец Софрониј Сахаров