За Христовата Светлина и мирот во срцето
 
 
 
 
 

За Христовата Светлина и мирот во срцето (04.07.2013)

За да ја примиме и почувствуваме во срцето Христовата Светлина, потребно е – колку што е можно – да се одбие видливото. Претходно чистејќи ја душата со покајание и добри дела, заедно со искрената вера во Распнатиот, бидејќи ги затвораме телесните очи, треба умот да го спуштиме во срцето и да заплакаме, непрестајно изговарајќи го името на нашиот Господ Исус Христос. Тогаш човекот, според мерата на усрдноста и ревноста пред Љубениот, наоѓа наслада во изговарањето на името, а тоа наследство потоа ќе му предизвика желба да бара и поголемо просветлување.

 

Кога умот преку таквото вежбање ќе потоне во срцето, тогаш во него ќе засветли Христовата Светлина, осветлувајќи го домот на нашата душа (срцето) со Божествен сјај, како што во името на Бога, св. пророк Малахиј вели: „А вие, што се плашите од Моето име, ќе ве осветли Сонцето на правдата!“ Оваа Светлина, воедно е и Животот, според евангелските зборови: „Во Него беше Животот и Животот им беше Светлина на луѓето“.

 

Кога човекот внатрешно ја согледува вечната Светлина, тогаш неговиот ум станува чист и во себе нема никакви сетилни претстави, туку, целиот задлабочен во созерцувањето на несоздадената Добрина, заборава на сѐ и сака да се скрие во утробата на земјата, само да не му биде одземено тоа вистинско богатство – Бог.

 

Кога кај човекот умот дејствува во срцето, тогаш Божјата благодат го осенува и тој живее во мирна состојба, а и во наднебесно расположение: тоа значи со мирна совест; наднебесно – затоа што умот во себе ја созерцува благодатта на Светиот Дух, според Божјите зборови: „Неговото место е во мирот“.

 

Може ли човекот да не се радува гледајќи го сонцето со телесните очи? А колку поголема радост се појавува кога човекот со внатрешните (духовни) очи го гледа Сонцето на правдата – Христос. Тогаш тој се радува со вистинска ангелска радост. Затоа апостолот рекол: „Нашиот живот е на небото“.

 

Кога некој живее во мирно расположение, тој како со лажичка ги црпи духовните дарови. Мирни во духот, со Божјата благодат, светите Отци живееле долго.

 

Овој мир, како бесценето богатство, Господ им го оставил на Своите ученици, во очи Својата смрт, велејќи: „Мир ви оставам, Својот мир ви го давам“. За него, исто така, зборува и апостолот: „И Божјиот мир, кој му доликува на секој ум, нека ги зачува вашите срца и мисли во Исус Христос“.

 

Значи, ние треба сите свои мисли, желби и дела да ги сосредоточиме на тоа да го добиеме Божјиот мир и со Црквата секогаш да коленичиме, молејќи: „Господи, Боже наш, дај ни го мирот!“

 

Свети Серафим Саровски