За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (30.06.2013)

Ние треба да знаеме дека секој разговор со Бога, што се врши во тајност, секој копнеж на добриот ум за Бога, секое размислување за духовното, ја раѓа молитвата и се нарекува молитва. Под тој поим, подеднакво се подразбираат разните читања, усните молења, словословењата, грижливата тага по Бога, телесните поколни, псалмопеењето и сѐ останато од што се содржи молитвеното правило, од кое пак, се раѓа љубовта кон Бога. Бидејќи, љубовта е од молитвата, а молитвата од животот во осаменост. Осаменоста, пак, ни е потребна за полесно да разговараме со Бога.

Господ ни укажа на молитвата како на поткрепа за нашата немоќ, велејќи: „Разбудете се ‘бдејте и молете се за да не паднете во искушение’“ (Матеј 26, 41). Молете се и не бидете мрзливи, туку во секое време „бидете бодри“ (Кол. 4, 2). „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и оној што чука, ќе му се отвори“ (Матеј 7, 7-8). Тој овие зборови особено ги потврдил, за да нѐ поттикне кон поголема внимателност, преку приказната за човекот кој на полноќ дошол кај својот пријател и му барал леб. Господ вели: „Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба“ (Лука 11, 8). И вие молете се и не бидете мрзливи. Какво поттикнување кон смелост!

Господ знае дека сѐ до смртта, од нас не е отстранета можноста за отпаѓање; таа промена ни е многу блиска, односно преминот од добродетел во порок, и дека човекот и неговата природа во себе содржат спротивставеност. Затоа, Тој ни нареди да бидеме внимателни и да се подвизуваме во постојаната молитва. Меѓутоа, Тој ни нареди да се молиме, не само поради претпазливост од очигледната промена, туку и поради тенката линија и несфаќањето на она што постојано се случува со нас. Затоа што, нашиот ум не може да ги опфати состојбите во кои често се наоѓаме, и без наша желба. И, иако нашите мисли можат да бидат постојани и прилепени за доброто, Неговата промисла повеќе пати нѐ остава во границите на искушенијата, како што рекол блажениот Павле: „Ми се даде трн во телото“ (2 Кор. 12, 7).

Стоејќи пред Бога на молитва, во своите мисли биди сличен на немо дете. Пред Бога немој да зборуваш (со намера) за да го покажеш своето знаење, туку приближи Му се размислувајќи како дете. Оди пред Него (со намера) за да ја сфатиш Неговата татковска промисла. Речено е: Господ ги пази слабите (Пс. 114, 6), и тоа не само слабите по тело, туку и мудрите во светот, кои, оставајќи го своето знаење, доброволно станале слични на децата и почнале да се учат на мудроста што не се достигнува со трудот во образованието. Барај од Бога дар да дојдеш до таква мера на вера. За тоа моли се без мрзливост и пламено барај. Моли се со голема внимателност, сѐ додека не ја добиеш. Со тоа ќе се удостоиш доколку најпрво со вера се присилиш својот копнеж да го префрлиш на Бога и својата грижа да ја замениш со Неговата промисла. И кога Бог во тебе ќе ја забележи волјата, со чиста мисла да Му се довериш Нему, повеќе отколку себеси, и дека си се присилувал повеќе да се надеваш на Него отколку на својата душа, во тебе ќе се всели онаа непозната Сила и ти ќе почувствуваш дека е со тебе. Чувствувајќи ја таа Сила, многу влегле во оган без страв и оделе по вода без колебање во помислите, без страв дека ќе потонат.

Преподобен Исаак Сирин