За духовниот живот
 
 
 
 
 

За духовниот живот (20.06.2013)

За духовните дела, пред сѐ, потребен е Божји благослов, а тој може да се добие само ако намерите ни се чисти, ако во нивната позадина не е угодувањето на нашата суета. Несреќната случајност може да прерасне во несреќна навика. Неопходно е на едноставноста да не ѝ недостига мудрост. Како сѐ уште не си сфатил дека едноставноста ослободува, а дека секоја комплицирана префинетост, порано или подоцна, создава мака? Срамно е што неправославните повеќе ја почитуваат неделата отколку оние што себеси се нарекуваат православни. Понекогаш овој хаос не може да се поправи со човечки средства, па би требало да се плашиме дека ќе нѐ стигнат уште пострашни казни од небото, од овие што веќе ги трпиме.

Служењето на Бога се содржи и во тоа да не инсистираме премногу на тоа да го спроведуваме своето, па дури и со добра волја и чисто срце да го слушаме она што другите, добронамерно и со љубов, ни го предлагаат. Не би требало да се стегаме да им правиме добро на ближните, надевајќи се во Бога, а не во себе. На оној што вака постапува Господ нема да му ја скрати Својата заштита и милост. Искрената отвореност не би требало да ја прифаќаме како чин на слободен разум, со истата онаа почит и Божји страв, со кои се прифаќа тајната на Божјата христијанска душа. Треба да внимаваме да не напишеме или кажеме повеќе, или помалку, од она што го кажува вистината. Оваа внимателност не е тешка, но е неопходна. Само врз основа на вистината и правдата може да се гради мирот, и за себе, и за другите. Секако, полесно е да се поднесе доброволното понижување, отколку она што ни го нанесуваат другите. Така е со секој подвиг. Но, што е пополезно?

Кога гледаме дека страдаат оние што се добри, тоа предизвикува голема тага. Тагата не е остра, но е длабока. На затворената врата се тропа со молитва. Со совети може да се влезе само низ отворена врата. Сѐ се раѓа и расте во молк. Делата што се пред време објавени, често завршуваат само на зборовите. Добро е молчењето со кроткост и смирение, добар е и зборот што изразува љубов кон доброто и стремеж кон правдата. Радувајте се во Господ и тогаш кога овој свет не ни носи радост, или кога, што е уште полошо, нѐ соблазнува со веселбата што личи на звукот од гранките што горат под котелот. На цврстата вистина, слабите докази не само што не ѝ се од полза, туку и ѝ нанесуваат штета, бидејќи на непријателите им ги откриваат ранливите места. Какво и да е опкружувањето, не треба да очајуваме. Душевната здодевност нема да направи околностите да станат подобри, а нам може само да ни биде полошо. Светите Отци нѐ учат да не размислуваме многу за луѓето кои се во подобра ситуација од нас, иако тие немаат ниту помалку, ниту повеќе права отколку ние. Подобро е да размислуваме за оние што имаат исто права колку и ние, и треба да бидат во некоја попријатна ситуација, а се наоѓаат во многу полоша, од нашата. Првото нѐ наведува на роптање или завист, а второто ни помага да бидеме задоволни од она што го имаме.

Дали е добро другите да ги учиш да одат и да ја даваат својата душа за браќата, а ти својата да ја носиш таму каде таа сака и каде што ѝ е полесно? Бидете мудри како змии и кротки како гулаби. Овој совет ни е даден за во сите животни ситуации, па и за во оние најтешките. Голем е подвигот да Му се принесе како жртва на Бога сето она по што копнееме и нѐ забавува и весели во овоземниот живот. Многу е покорисно да се грижиме за тоа како да го дочекаме својот крај во мир и во добра надеж, отколку да мислиме за тоа каде ќе нѐ закопаат, или како правилно го извршат погребот. Ако и против нашата волја почувствуваме дека животот ни е товар, би требало да го подигнеме погледот кон Господ и да не се жалиме дека животот ни е досаден. Бог ни го дава и продолжува заради нашето спасение, па треба да го сфатиме како подарок. Треба да Му се заблагодариме на Оној што нѐ дарува, а не да се жалиме. Не треба да се подвизуваме на секој начин за кој ќе чуеме. Секој подвиг не му е од полза секому.

Ако е речено дека богатството треба да се спечали самото од себе, а не да го вложуваме своето срце во него, зар не е пропаст ако тоа копнее по него? Искусната мудрост вели: во радоста не заборавај да се подготвиш за тагата, а во тагата не заборавај да се надеваш на подобро. Ако Господ ви подарил радост, во вашата душа да биде рај, трудете се тој рај таму и да остане. Не престанувајте со работата и чувањето на него; трудете се, според своите способности, да правите добро и да се воздржувате од сѐ она што не е по Божја волја, туку според човечкото самоволие. Со душевниот мир не се сложува мислата дека некого не сакаме. Затоа, не треба ни да размислуваме за тоа. Треба да се молиме за ближните и да не ги заборавиме своите обврски и Божјата волја. Научете се да бидете едноставни. Не ги ословувајте луѓето со посебни имиња, кои се над нив. Не се занесувајте со посебни идеи. Оној од кого сакаме да чуеме вистина, а особено духовна, треба само да му пријдеме со едноставност и да не го величаме залудно, затоа што ако тој е слаб и се полакоми за издигнувањето, повеќе нема да биде во вистината, па и ние нема да можеме да ја чуеме истата  од него. А ако биде строг, може да се случи и да не ни одговори. Заповедта да не ги сакаме синот и ќерката повеќе од Господ може да ја изврши оној што живее со нив, а може да ја прекрши и оној што не живее заедно со нив. Размислете, во која ситуација ќе можете подобро да ја извршувате оваа заповед, па така и живејте.

Московски Митрополит Платон