Колку е скапоцено времето на сегашниот живот!
 
 
 
 
 

Колку е скапоцено времето на сегашниот живот! (18.06.2013)

Колку е скапоцено времето на сегашниот живот! Секоја минута има голема вредноста, бидејќи во текот на една минута можеме да размислуваме за многу работи, дали добри, дали лоши. Една побожна мисла може да нѐ воздигне до небото, додека пак, една ѓаволска помисла може да нѐ фрли во пеколот. Гледаш ли колку е драгоцена секоја минута од сегашниот живот! Ние, за жал, не размислуваме за тоа, така што бескорисно ни поминуваат деновите, годините. Дали само бескорисно? Колку штети сме претрпеле сите ние, а најпрво јас самиот, а тоа не сме го приметиле? Ќе сфатиме еден ден, кога нашата душа ќе биде подготвена да го напушти телото. За жал, тогаш ќе биде доцна, затоа што повеќе нема да има време за поправање! Тоа мора да го сфатиме сега, додека сѐ уште можеме да поставиме нов почеток. Да го искористиме драгоценото време на сегашниот живот! Навистина е блажен оној што се присилува да постави нов почеток, зашто еден ден ќе биде духовно богат.

Никогаш не е доцна, бидејќи Господ чека секој од нас да се разбуди за да го вработи. Тој чека до единаесетиот час (Матеј 20, 6) и на сите начини се обидува да нѐ разбуди.

Се молам сите ние да се разбудиме, да ги запалиме своите светилници и со будно око, трпеливо, да го дочекаме Господовото доаѓање, за да влеземе во прославата на вечното блаженство, на свеченоста со блескавите ангели. Со нив ќе ги пееме воскресните химни, кои ќе нѐ вознесат од созерцување во созерцување, и во восхитување во Божјото! Тогаш, о, тогаш потполно ќе разбереме колку е значајно да се присилуваме самите себе во сѐ, и дека нашите Старци биле во право кога нѐ поттикнувале и растажувале, бидејќи ќе речеме: „Погледнете што гледаме сега!“ Тогаш нашата благодарност кон Бог ќе биде бесконечна. Тогаш вистински ќе принесуваме благодарења, кои ќе Му бидат достојни на Бога!

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски