За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (02.06.2013)

Никој од нас, Адамовите синови, не ги гледа јасно сопствените гревови. Само во моментите кога ќе нѐ посети Божјата Светлина ние се ослободуваме од тие страшни окови. А, ако го нема тоа, тогаш е добро, солзејќи да се извикува: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“.

Ревносното почитување на Христовите заповеди го доведува човекот до познание на сите можни случувања во духовната сфера; тој самиот не е во состојба ни да се спротивстави, ниту јасно да разбере што го упропастува, а што го спасува. Заради тоа, во очај ќе го изговара името на живиот Бог. И ќе биде блажен ако го посети зрак од Светлината, од непристапната Божја средина, која ќе ја објави вистинската природа на секоја појава. Но, не треба да се плашите ако Светлината сѐ уште не дошла, туку треба упорно да се молите со зборовите: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, и сигурно ќе нѐ посети спасоносната сила.

На почетокот од подвигот не ни се јасни патиштата кои Бог ни ги покажува; ние се обидуваме да се оттргнеме од тешката борба против „жешките искушенија“. Може долго да се наоѓаме во тешка состојба на несфаќање: зошто Бог, совршената љубов, дозволува патот кон Него на моменти да изгледа навистина страшен. Ние Го молиме да ни ја открие тајната на патот кон спасението. Нашиот ум постепено се просветлува, а срцето собира сили да тргне по Христос и преку нашите мали страдања да се приближи до Неговите. Неопходно е да поминеме низ болка и ужаси за да се отвори пред нас длабочината на постоењето и за да станеме способни за љубовта што ни е заповедана: без страдањата човекот останува духовно мрзлив, поспан, туѓ на Христовата љубов. Знаејќи го тоа, кога нашето срце ќе стане слично на згаснат вулкан, ние го повторуваме името на Исус Христос за да го загрееме: „Господи Исусе Христе, Сине на живиот Бог, помилуј ме“. И пламенот на Божјата љубов навистина го допира нашето срце.

Старец Софрониј од Есекс