За благодарењето
 
 
 
 
 

За благодарењето (26.05.2013)

Секое добро што го имаме и секое добро што го правиме е Божјо и од Бога. Затоа треба да Му се благодари за сѐ: за секое добро што го добиваме од Неговите дарежливи раце, без разлика дали е јавно или тајно, за секое добро дело, за секој добар подвиг и за секоја победа над непријателите на нашето спасение, како што советува и апостолот: „Благодарете за сѐ; бидејќи ова е Божјата волја во Исус Христос за вас“.

Труди се во себе да го распалуваш чувството на благодарност кон Бога од моментот кога ќе се разбудиш, па во текот на целиот ден, и навечер затвори ги очите со благодарни зборови во устата затоа што си засипан со Божјите дарови.

Твоите благодарења не Му се потребни на Бога, туку Неговите дарови ти се потребни тебе.

„Најдобро средство да се сочува добротворството е сеќавањето на доброто што ни е направено и постојаната благодарност“, вели св. Јован Златоуст. И св. Исаак пишува: „Благодарењето на оној што добива, Го тера Оној што дава на поголеми дарови од претходните. Кој не е благодарен за малку, надежта во многу ќе го измами. Дарот не се зголемува кога нема благодарност“. Св. Василиј Велики на ова додава и извесно заплашување, велејќи: „Затоа што не благодариме за добрата што ни ги дава Бог, ни се скратува и доброто што го имаме за да се освестиме. Како што очите не можат да го видат предметот кој е премногу блиску, односно за тоа е потребна определена раздалеченост, така и неблагодарните души обично почнуваат да ја гледаат вредноста на она што го имале дури кога ќе го загубат. Додека се ползувале од даровите не чувствувале благодарност кон Дарителот, а по загубата го фалат она што го изгубиле“.

Како ќе го распламтиш во себе чувството за благодарност кон Бога и како постојано да го одржуваш?

Размисли за сите Божји добрини кон човечкиот род и кон тебе самиот и почесто размислувај за нив. Ако во тебе има (живее) срце, нема да можеш да не му вознесеш благодарна песна на Бога. Примери за такви песни ќе најдеш во молитвите и делата на светителите. Почесто повторувај ги со мислите и зборовите, и тоа не секој ден, туку многупати во текот на денот, и во тебе ќе заживее чувството за благодарност кон Бога.

Меѓу луѓето (во општествениот живот) неблагодарноста се нарекува црна. Со кој збор ќе ја наречеме неблагодарноста кон Бога? А кон Него со ништо друго не можеш достојно да покажеш благодарност, освен преку својата подготвеност – самиот себеси да Му се принесеш како жртва.

Св. Никодим Агиорит