Надеж во Бога
 
 
 
 
 

Надеж во Бога (17.05.2013)

Прекрсти се и ако уште речеш: „По молитвите на нашите свети Отци“, а толку светители има, сите ќе ти помогнат. Никогаш не смееш да губиш надеж во Бога. Немој да си отежнуваш со својата човечка логика, така се мачиш самиот себе и ја спречуваш Божјата помош. Кога себеси и својата работа му ги препушташ на Бога, после човечката трудољубива и мудра активност, многу ќе си помогнеш себеси, но и на другите.

Надежта во Бога е голема работа. Еднаш требаше да дадам крв. Имаше четири сестри. Првата ме изнамачи, не можеше да ја најде вената. Дојде друга, исто. Третата, која специјализирала за тоа, пак ништо. Во тој момент поминуваше четвртата. Виде дека се мачат, па дојде и таа да се обиде. Прво се прекрсти и веднаш ја најде вената, затоа што побара помош од Бога. Останатите, поради некои причини, се надеваа само на себе.

Голема предност е кога човекот се препушта во Божји раце! Луѓето си поставуваат цели и се трудат да постигнат успех, а не им паѓа на ум да се запрашаат каква е Божјата волја, ниту пак, сакаат да ѝ се прилагодат. Треба со надеж да Му се препуштиме на Бога, за Тој правилно да нѐ насочи, па сами да правиме сѐ што е потребно и тоа со голема посветеност. Ако човекот не се надева на Бога и не се препушти целосно во Неговите раце, ќе се мачи. Обично луѓето прво прибегнуваат кон човечката утеха, а кога ќе се разочараат од луѓето, дури тогаш се вртат кон Бога. Но, ако не сакаме да се мачиме, треба веднаш да бараме Божја утеха, бидејќи таа е единствената вистинска утеха. Не е доволна само верата. Надежта во Бога ја привлекува Неговата помош. Христијанинот верува и се надева на Него до упокојувањето, а тогаш јасно ја гледа Божјата рака која го спасува.

Апостолот Павле вели дека верата претставува вера и во невидливото, а не само во видливото. Кога му ја доверуваме својата иднина на Бога, Го обврзуваме да ни помогне. Целосната надеж во Бога е мајка на верата, со која човекот тајно се моли и така ги заслужува плодовите на надежта. Тоа е непрестајната молитва, и таа донесува резултати во моментот кога е потребно. Тогаш човекот природно живее ангелски живот и оттаму славослови: „Свет, свет, свет е Господ“. Затоа што човекот може својот живот да го направи рајски, ако има надеж во Бога, ако Го слави за сѐ, и ако прифаќа Тој да го раководи како добар Отец. Спротивно, својот живот го претвора во пекол. Голема работа за човекот е да може, уште во овој живот, да почувствува мал дел од рајската радост.

 

Свети Јован Кронштатски