Како да се борите?
 
 
 
 
 

Како да се борите? (15.05.2013)

Вашето прво движење, штом ќе се разбудите, нека биде крсниот знак, а вашите први зборови – зборовите од Исусовата молитва. Кога можете, кажувајте ја Исусовата молитва со бројаница, а кога сте зафатени со некоја работа, без неа. Кога ќе ве нападнат помисли, не им се спротиставувајте сами, туку фрлете кон нив со камен. А каменот е Христовото име, Исусовата молитва... Отстранувањето на помислите не е во ваша моќ, но да не се прифаќаат – е: отстрани ги со Исусовото име. Ако молитвата понекогаш е невнимателна, расеана, не треба да се паѓа со духот. За време на молитвата нашите усти се осветуваат со името на Господ Исус Христос. Постојано бидете со Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Исусовото име ги отфрла сите демонски напади. Тие не можат да ја победат силата на Христовото име. Зашто и како се случува тоа, ние не знаеме, само знаеме дека тоа е така.

„Ако не се соединиме со Господ Исус тука, никогаш нема да се соединиме со Него“, вели преп. Симеон Нов Богослов.

Има смртни гревови, а и оние кои не се смртни. Смртен грев е оној за кого човекот не се кае. Се нарекува смртен затоа што душата после телесната смрт оди во пеколот.

Секој човек мора да трпи за време на искушенијата и борбата, тоа е тешка и многу болна состојба. Затоа во псалмот се вели: „Имам болки како онаа што раѓа“. Секој човек, раѓајќи се духовно во нов живот, трпи болки, додека не излезе на ширинката. Тие „болки“ се јавуваат од борбата со страстите. Страстите ќе ве нападнат. Непријателот нема да ве остави. Овде е потребно трпение. Треба да се трпи и да не се остава оружјето, знаејќи дека тоа е неизбежно.

Постојаните неволји, кои Божјата промисла му ги праќа на човекот, се знак за посебната Божја промисла за нас. Целта на тие неволји е различна. Тие постојат или заради пресекување на злото, или поради вразумување, или заради поголема слава во идниот живот, или пак, како казна за порано направените гревови. Сите имаат свој крст.

На секое добро дело, или му претходи, или му следува, искушение. За време на искушението треба да си речеме: „Навистина, сето ова го заслужувам. Потребно ми е да ме исчисти од страстите, а пред сѐ од гордоста“.

Не треба само да се истрпи искушението, потребно е и да не се истуриме врз оној кој нѐ натажил. Секогаш ќе има неволји, но внатрешната состојба на човекот ќе биде поинаква. И покрај страдањата, оној кој се здобил со внатрешната молитва, лесно ќе ги поднесе бидејќи со него ќе биде Христос. Тој ќе го исполни подвижничкото срце со неискажлива радост. И таа радост во Господ нема да може да ја победи никаква тага. Кога ве вознемируваат помислите за страв од искушението кое претстои, не треба да се разговара со нив, туку едноставно треба да се рече: „Нека биде Божја волја!“ Тоа многу ќе ве смири.

Преподобен Варсануфиј Оптински