Силата на Божјото посинување
 
 
 
 
 

Силата на Божјото посинување (08.05.2013)

„Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга“ (Јован 12, 26). Бог Логосот (Словото), со воплотувањето стана и „Син човечки“, едносуштен на нас. Сѐ што направи во Својот живот на земјата, го направи за целиот човеков род да се поправи. Ако во Исус Христос, според Павле: „телесно живее сета полнота на Божеството“ (Кол. 2, 9), и ако Тој е „критериум за сѐ“, прифаќаме дека она што е засведочено за Христос како Човек, е севкупна полнота и можност и за нашата сопствена природа. И праведни и вистинити се зборовите дека: „на оние кои Го примија, им даде да бидат Божји чеда (Јован 1, 12). Заради нас „должен беше во сѐ да личи на браќата“ (Ев. 2, 17). Иако Тој по природа е Бог, нам не ни недостига сила да го следиме Неговиот пример. „Не плашете се, Јас го победив светот“ (Јован 16, 33). Кој свет? Овде мисли на светот „кој живее во злото“, на законот на пропадливоста, на стариот човек и на патот кој води во трулежност и смрт. Христос не го победи светот на некој магичен начин, ниту просто со својата Божја власт, туку согласно со човечката волја. Прво се појавува нашата сопствена волја, а потоа делува благодатта: „На оној, што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Својот Отец на Неговиот престол“ (Откр. 3, 21). Потребата да бидеме упорни во потвигот се потврдува: „Бидете трезвени и бдејте, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со вера“ (1 Патар 5, 8-9). Современиот човек, кога ќе го согледа целиот мрак на анархијата, ги прифаќа сите иницијативи за спротивставување на беззаконието. Меѓутоа, тој секое противење на гревот, го сфаќа како нешто што ја загрозува неговата слобода и токму тоа е најголемата победа на неговиот непријател, ѓаволот.

Добродетелниот живот и делата на нашиот Господ, се најверодостојниот пример за живот на секој човек, „за да се затворат устите на сите, и така целиот свет да стане виновен пред Бога“ (Рим. 3, 19). Своеволното непочитување на Божјата волја од страна на човекот го втемелува вистинското отпадништво со двојна вина: против природните закони на нашето постоење, кое онтолошки зависи од Првопричината (Бог), и против Отецот на нашиот Бог, Кому така Му се нанесува навреда и Кој на тој начин се потценува.

Оваа двојна вина на човекот, се појавила доброволно, без притисок. Отпаѓањето требало да биде во согласност со направената грешка. Меѓутоа, човекољубивата икономија на нашиот Спасител Христос, ја намалила горчината на напитокот, кој човекот требало да го испие. Тој на Себе ја зел улогата на должник и, со Своето Воплотување, целосно го исполнил делото на послушание, а наша должност станала, само да го следиме Неговиот седобродетелен живот. „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога“ (Рим. 11, 33).  

И пред Воплотувањето, Бог Словото, преку симболи и дела (енергии), се јавувал пред Своите слуги, праведници и пророци. Кога, пак, „се исполни времето“, се јави со Своето присуство и поживеа со нас и нѐ научи на делата на Својата корисна Вистина, која стана сечовечка обврска. „Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“. Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец Кој е на небото“ (Матеј 16, 16-17). „Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас го благовестив, не е човечко, зашто ни јас го примив од човек, ниту го научив од човек, туку преку откровението на Исус Христос“ (Гал. 1, 11-12). „А нам, пак, тоа ни Го откри Бог преку Својот Дух“ (1 Кор. 2, 10). „Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со своите очи го видовме, што го согледавме и што нашите раце го допреа, за Словото на животот...“ (1 Јован 1, 1). Овде ги наведовме сите сведоштва во Светото Писмо за објавување на вистината на откровението, за сѐ да биде верно. Значи, не постои друг пат за познание на Бога, освен оној што го постави Христос, единствениот Спасител на светот.

 

Старец Јосиф Ватопедски