За неплодната смоква
 
 
 
 
 

За неплодната смоква (29.04.2013)

Брзајќи да ја испие чашата на смртта, за спасение на целиот свет, нашиот Спасител оди на страдање; заминува посакувајќи спасение за човекот и не наоѓа плодови. Оваа бесплодност ни ја покажува смоквата (Матеј 21, 19). Кој е Овој што сака да вкуси храна во раните утрински часови? Цар, Господ, Учител. Зарем Тој толку рано огладнел и посакал храна во непристојно време? Па зошто тогаш Тој ги учеше Своите ученици да постат и да ги победуваат страстите? Што значи тоа? Нашиот Господ, како што усно поучувал преку приказни, понекогаш поучувал и со своите постапки. Ете Тој, огладнувајќи, ѝ пришол на смоквата. Смоквата, пак, го претставува човечкиот род. Плодот на смоквата е сладок, но неговите листови се груби и некорисни, погодни само за сушење. Таква е и човечката природа: иако е преодредена од Бога да раѓа најслатки добродетели, наместо тие плодови, почнува да раѓа само груби листови. Бидејќи, што може да биде погрубо од животните грижи? Адам и Ева некогаш биле голи, и не се срамеле; биле голи, кога живееле едноставен и невин живот; немале грижи и не им биле потребни облеки за да ја покријат својата телесна голотија. Едноставно се покривале со Божјата благодат; и немајќи создадена облека, се облекувале во бесмртност, по мера на приближувањето кон Бога, преку исполнување на Неговата волја. Но, бидејќи набрзо се покажало дека се непослушни, тие, останале без благодатта која ги облекувала, се лишиле од гледањето на Божјото лице и созерцувањето, и почнале да ја забележуваат својата голотија. Тогаш почнале да ги сакаат животните задоволства и биле осудени на беден и сиромашен живот; ги споиле листовите од смоквата и од нив си направиле облеки; ги пронашле многубројните помисли и грубиот живот, исполнет со грижи и таги. „Со пот од лицето свое“, рекол Бог, „ќе јадеш леб. Земјата нека биде проклета поради тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот“ (Битие 3, 17-19). Ако ти имаш земни помисли, ќе се свртиш кон земјата; ти стана сличен на неразумната стока, не остана долго во честа (Пс. 48); како бог на земјата, ти не ја позна благотворната добродетел, туку ја замени со земни задоволства и го засака несовесниот живот. Земја си и во земја ќе отидеш – значи, како неразумните животни, ти ќе наследиш смрт! Оттогаш човекот почнал да облекува кожни алишта! Пред тоа, живеејќи во рајот, во царскиот дом, и заземајќи ја, според своето тело, средината помеѓу животот и распадливоста, тој, после тоа, има само распадливо и смртно тело, подложно на болести. Всушност, грубите листови на смоквата се грешните дела на нашата природа! На таа смоква, односно човечка природа, ѝ пришол Спасителот, гладен, барајќи го на неа најслаткиот плод – најпријатните добродетели, со чие посредство се извршува нашето спасение. Но, освен листовите, освен горчливиот грев и несреќата до која доаѓа поради него, Тој не нашол ништо друго. Поради тоа Тој ѝ вели: „Отсега да нема плод на тебе довека (Матеј 21, 19). Спасението не е од човекот, добродетелта не е од човечката сила. Јас ќе го устројам спасението; дарувајќи воскресение преку Mоите страдања, Јас, заедно со тоа, ќе подарам и ослободување од тагата на животот“.

Преподобен Јован Дамаскин

(Дел од беседата која Триодот ја одредува за читање на Утрената на Велик понеделник – после третиот канон)