Оној Кој Го воскресна Него од мртвите, ќе нѐ воскресне и нас
 
 
 
 
 

Оној Кој Го воскресна Него од мртвите, ќе нѐ воскресне и нас (08.03.2013)

Оној Кој Го воскресна Него од мртвите, ќе нѐ воскресне и нас, ако ја исполнуваме Неговата волја, ако постапуваме според Неговите заповеди, и го сакаме она што Тој го љуби; ако се оддалечуваме од секоја неправда, алчност, среброљубие, лоши зборови, лажни сведочења, ако не враќаме зло за зло, ако не осудуваме за осудата, удираме за ударот, проклетствуваме за проклетството, и ако го помниме она на што нѐ учи Господ, велејќи: „Не судете за да не ви се суди. Простувајте и ќе ви биде простено. Милувајте и ќе бидете помилувани. Со каква мера мерите, така и вам ќе ви се мери. И блажени се смирените и гонетите за правда, зашто нивно е небесното Царство“.

„Почеток на сите зла е среброљубието“. Затоа знајте дека ние „ништо не донесовме на светот и ништо нема да изнесеме од него“, вооружете се со оружјето на правдата и прво самите себе  научете се да постапувате според Господовите заповеди; а потоа учете ги и вашите жени, за тие да живеат во дадената вера, љубов и чистота, искрено да ги љубат своите мажи и сите останати и со целомудрие да ги воспитуваат децата во стравот од Бога; да ги учиме вдовците за тие здраво да расудуваат за верата во Бога, непрестајно да посредуваме за сите да се оддалечат од секоја клетва, лош збор, лажно сведочење, среброљубие и секој порок, за и тие да знаат дека се Божја жртва, и дека Бог сѐ гледа и ништо не е сокриено од Него, ниту мисли, ни намери, и чувствата на срцето нема да останат тајни.

Непрестајно да живееме во нашата надеж и гаранцијата за нашата правда – Исус Христос, „Кој нашите гревови ги зема со Себе на Крстот. Кој не направи грев и во чија уста немаше лага“, и Кој претрпе сѐ заради нас, за да живееме во Него. Да го подражаваме Неговото трпение; и ако страдаме во Негово име, да Го прославуваме. Зашто таков пример ни даде Тој, и ние Му поверувавме.

Имајте ги овие добродетели и следете го примерот на Господ: бидете тврди и непоколебливи во верата, хранете го братството со взаемна љубов и една вистина, покажувајте си ја еден на друг Господовата кроткост, никого не презирајте. Кога можете правете добри дела, не одложувајте го тоа, зашто „милосрдието избавува од смртта“. Бидете во согласност едни со други, така што „вашето однесување да биде беспрекорно меѓу јазичниците“, и со таков пример вие ќе бидете пофалени за вашите добри дела, а името на Господ нема да биде засрамено. Значи, сите учете се на умереност и воздржание, во коешто всушност, вие и живеете.

Св. свештеномаченик Поликарп, епископ Смирненски