Човекот е чудо: „земја“ која живее и мисли за Бога
 
 
 
 
 

Човекот е чудо: „земја“ која живее и мисли за Бога (21.01.2013)

Кога го читаме Евангелието, ние, според зборовите на апостолот Павле, мораме да (се трудиме да) мислиме исто и на ист начин како што мислел и живеел Самиот Христос. А како живеел Тој? Да го земеме кој било пример. Кога Христос, Кој (претходно) го воскреснал Лазар, претстојувал во Витанија, во домот на Марија, Марта и Лазар, Марија со скапоценото миро ги помазала Неговите нозе. А Јуда веќе бил соблазнет кога, кај фарисејот Симон, Христос дозволил жената да Му ги целива нозете – тоа бил страшен момент за Христос! И во друга прилика, кога женските души и срца пројавиле слична љубов кон Христос, учениците се соблазниле, а Јуда одлучил да Го предаде. Но, за што размислувал Господ додека Марија го излевала скапоценото миро врз Него: каде тогаш бил Неговиот ум? Тој им рекол на апостолите: „Го помаза Моето тело за погреб“. Судејќи според овој одговор, Тој тогаш размислувал за Неговите претстојни страдања и за смртта.

Кога ќе нѐ нападнат ниски страсни помисли, мораме да се научиме со умот да преминуваме во Божјиот свет, кој ни се откри со Светот Дух преку Исус Христос... Ние, како деца, стоиме на брегот на големиот и бескраен океан и плашливо влегуваме во него, и пливаме во плитката крајбрежна вода. Ние и сега сакаме да се нурнеме во тие океански води. Но, и на крајбрежјето водата е иста како и каде било низ морската ширина.

Секој пат, кога телесните помисли и животните грижи ќе нѐ понижат до земјата, па, дури и до гневот кон братот или сестрата – како да се спротивставиме на тоа? Мораме да го држиме својот ум во Бога и да се сеќаваме на Старшниот суд. Тогаш целиот наш живот и секој негов миг ќе поминува во сосема поинаква клима. Тоа во нас развива одговорност пред Бога, Кој создаде сѐ – целата вселена, како и (одговорност) пред сите Божји созданија. И резултатот од тие малечки, секојдневни наши трудови, ќе биде можноста Светиот Дух да се всели во нас. Затоа преподобен Исаак Сирин рекол: „Исчисти го местото (во себе) и Светиот Дух ќе дојде и ќе те научи“. Така Светиот Дух ги научи и таквите неписмени селани каков што беше таткото на Старецот Силуан, и самиот преподобен Силуан. Имајќи такви примери, и ние ќе се обидеме секој ден да живееме во таква клима, и тогаш ќе го примиме она што го бараме.

На многу луѓе им е тешко да поверуваат во сето ова. Тие, на некој чуден начин, не го сфаќаат ова чудо: човекот е земен од земјата, а за што размислува тој човек – тој заборава на земјата и со духот живее во вечниот Бог! Тоа веќе е чудо. Дури и во молитвите и во Божјото Откровение за човекот се вели: „Од земјата си земен и во земјата ќе отидеш“. И, ете, таа „земја“ размислува токму за она што денес разговараме.

Старец Софрониј Сахаров